Брајан Остин Грин откри нови детали за сериозните невролошки проблеми со кои се соочил пред повеќе од една деценија. Актерот, најпознат по улогата на Дејвид Силвер во серијата „Беверли Хилс, 90210“, раскажа дека во еден период ја изгубил способноста за нормален говор, читање и одење, како и дека неговото заздравување траело речиси пет години.
„Ми се појавија невролошки проблеми, имав симптоми слични на мозочен удар“, изјави 53-годишниот актер во подкастот Really Famous. Проблемите, според неговите зборови, се појавиле кога имал 39 или 40 години, односно околу 2012 или 2013 година, но никогаш не добил конечна дијагноза која би објаснила што му се случило.
„Имав внатрешно воспаление предизвикано од исхраната“, рече тој. Додаде дека лекарите сметале оти еден од можните фактори бил и емоционалниот стрес, бидејќи во тоа време не се справувал добро со некои работи.
Морал повторно да учи да оди и да зборува
Грин вели дека заздравувањето било долготрајно и исклучително тешко. „Заздравувањето траеше речиси пет години. Морав повторно да учам да одам и да зборувам. Практично морав сè да учам од почеток“, раскажа тој.
Проблемите влијаеле врз речиси секој аспект од неговиот живот. „Не можев ниту да читам, ниту да пишувам. Личноста што бев како да исчезна. Чувствував целосна одвоеност меѓу мозокот и телото“, опиша актерот.
Во еден претходен разговор тој откри и колку му било отежнато секојдневното функционирање. „Во еден момент се движев бавно како 90-годишник“, рече тој.
Причината никогаш не била целосно разјаснета
Здравствените проблеми се појавиле додека Грин бил во брак со Меган Фокс, со која се венчаше во 2010 година. Иако двајцата учествуваа во сообраќајна несреќа во декември 2014 година, Грин претходно нагласи дека неговите симптоми не биле последица на тој настан.
Во подкастот на Шерил Берк, Sex, Likes and Spray Tans, во 2023 година раскажа дека во тој период му биле дијагностицирани вртоглавица и улцеративен колитис, како и дека поминал три месеци во кревет. Невролошките проблеми, рече тој, се појавиле по вртоглавицата и ги одбележале следните четири и пол години од неговиот живот.
Денес Грин зборува за комбинацијата од исхрана, воспалителни процеси и емоционален стрес како можни фактори, но истакнува дека лекарите никогаш не успеале со сигурност да утврдат што ги предизвикало неговите невролошки симптоми.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата