logo
logo
logo

САМО ГОСПОД НÈ ЧУВАЛ! Избегната сериозна трагедија со жичницата на Водно

Vecer | 16.09.2026

САМО ГОСПОД НÈ ЧУВАЛ! Избегната сериозна трагедија со жичницата на Водно

Скопската жичара на Водно, еден од најомилените симболи на главниот град, години наназад функционирала како вистинска бомба со часовник! Според шокантните наоди од специјализираната експертиза на светски реномираниот производител „Допелмајр“ (Doppelmayr), од самото пуштање во употреба досега не бил направен ниту еден реален и соодветен сервис на оваа масивна инсталација.

По преземањето на функцијата, Градот Скопје и градоначалникот Орце Ѓорѓиевски испратиле итен допис до австриската компанија за да се утврди реалната состојба на терен. Добиените резултати ги затекнале и самите експерти, кои оцениле дека „вистинска среќа и чуда ги спасувале граѓаните и надлежните изминатиот период“.

Ужас под капакот: Оштетени сајли и нефункционални сензори

Според извештајот, носечките и влечните сајли биле оштетени далеку под секој дозволен безбедносен минимум, додека дури три од вкупно четири безбедни сензори за движење на кабините воопшто биле надвор од функција. Како поука, странските стручњаци потсетиле на трагичните несреќи во Швајцарија, каде животи се згаснувале дури и при откажување на само еден единствен сензор. Токму поради овие застрашувачки откритија, жичарата била итно и без одложување исклучена од сообраќај за да се спречи катастрофа.

Итна реконструкција и нови протоколи

Договорот за целосна ревитализација веќе е склучен со „Допелмајр“, чии стручни тимови се очекува наскоро да пристигнат на терен заедно со оригиналните деловни компоненти. Бидејќи жичарата на Водно работи цела година во сите 12 месеци и трпи постојано оптоварување (за разлика од алпските ски-центри кои се сезонски), во иднина ќе се воведе строг протокол за задолжителен годишен генерален ремонт и редовни тримесечни и шестмесечни сервиси, следени со дополнителна обука за персоналот од ЈСП.

Тестирање со лична одговорност и рок до ноември

По завршувањето на техничките зафати, системот ќе мине низ најригорозни тестови сè до добивање официјален меѓународен сертификат за сигурност. За да ја потврди безбедноста на објектот пред јавноста, градоначалникот најави дека првото тест-возење по рестартирањето ќе го направи лично тој, заедно со директорот на ЈСП и своите деца.

Крајниот рок за завршување на комплетната реконструкција е предвиден до крајот на ноември, по што жичарата повторно ќе им биде ставена на располагање на скопјани и туристите за време на претстојната зимска сезона, со вообичаените безбедносни паузи во деновите со силен ветер.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk