logo
logo
logo

Тајната на медитеранците ЗА ПЕКОЛНИТЕ ГОРЕШТИНИ: СОЛЕН ПИЈАЛАК што ја спречува исцрпеноста

Vecer | 21.08.2026

Тајната на медитеранците ЗА ПЕКОЛНИТЕ ГОРЕШТИНИ: СОЛЕН ПИЈАЛАК што ја спречува исцрпеноста

Кога температурите ќе пораснат, организмот работи многу повеќе од вообичаено за да ја задржи нормалната телесна температура, а потењето тогаш станува главен начин на ладење. Но, со поттa од телото не излегува само вода, туку се губат и минерали кои учествуваат во работата на мускулите, преносот на нервните сигнали, одржувањето на рамнотежата на течностите и нормалното функционирање на срцето. Значи, иако среде летен ден пиеме вода, сепак можеме да се чувствуваме уморно, слабо, да имаме главоболка…

Постои стара медитеранска навика која во Грција се пренесува од куќа на куќа. Се работи за лимонада во која се додава само прстофат сол. Оваа верзија на лимонада е едноставен начин покрај течноста да се внесе и мала количина на натриум – минерал кој му помага на телото да ја задржи водата и да надомести дел од она што се губи со потењето. Солената лимонада не е магичен пијалак ниту замена за правилна исхрана, одмор во ладовина и доволно вода во текот на денот. Не е ништо што би требало да се пие без мера! Нејзината вредност е во едноставноста – водата хидрира, лимонот дава свежина и киселост, а малку сол помага кога телото помногу се поти.

Зошто телото на жештите не бара само вода

Кога се потиме, телото губи течност, но и електролити. Меѓу најважните се натриумот, калиумот и магнезиумот. Натриумот учествува во одржувањето на рамнотежата на течностите во организмот, калиумот е важен за работата на мускулите и срцето, а магнезиумот има улога во мускулната и нервната функција. Кога ги нема доволно, телото реагира со замор, грчеви, слаба концентрација, главоболка или чувство дека жештината целосно нè исцрпила.

Обичната вода е најдобриот избор за повеќето секојдневни ситуации. Ако лицето нормално јаде, пие доволно течности и не се поти со часови, телото главно ги добива минералите преку храната. Проблемот настанува кога потењето ќе се продолжи, кога деновите се исклучително топли или кога се одвива некоја физичка работа на отворено. Тогаш само пиењето големи количини вода не дава чувство на закрепнување, бидејќи на телото му е потребно и малку минерали. Поради тоа пијалаците со електролити и тоа како имаат смисла. Додуша, индустриските спортски пијалаци содржат доста шеќер, ароми и додатоци кои не им се потребни на сите. Домашната солена лимонада е поедноставна варијанта, без комплицирани состојки и без претерување со сладоста.

Како се подготвува солена лимонада

Потребна е еден литар ладна вода, сок од еден до два лимона и мал прстофат сол. Тоа може да биде обична кујнска сол, а количината не треба да биде голема. Доволно е многу малку, колку да му даде на пијалакот блага минерална нота. Ако се додаде премногу сол, лимонадата станува тешка за пиење и ја губи својата цел.

Лимонот се цеди непосредно пред подготовката, бидејќи тогаш пијалакот има најмногу свежина и мирис. Водата може да биде ладна, но не мора да биде ледена, бидејќи премногу ладните пијалаци на некои им паѓаат тешко на стомакот. Сè добро се промешува и се пие полека, во помали голттки. Тоа е поважно отколку да се испие голема количина одеднаш! На телото повеќе му одговара рамномерно внесување течност во текот на денот, особено ако се престојува на отворено.

За поблаг вкус може да се додаде лажичка мед, неколку листови свежа нане или пар парчиња лимон. Медот не е неопходен, но може да им помогне на оние на кои солено-киселата комбинација им е преостра. Нането дава свежина, а кората од лимон го засилува мирисот на пијалакот. Сосема убаво може да се вклопат и неколку ливчиња маточина.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk