Деталите за свечената вечера беа објавени од кабинетот на Меланија Трамп, која ги надгледуваше подготовките за настанот.
Вечерата започна со наздравување со пенливото вино „Schramsberg Blanc de Noirs“ – гест што потсетува на „Наздравувањето за мир“ меѓу поранешниот американски претседател Ричард Никсон и кинескиот премиер Џоу Енлај, кои го користеле истото вино во Пекинг во 1972 година, пренесува „USA Today“.
Според соопштението од Белата куќа, првото послужено јадење беше кремаста супа (велуте) од жолта тиква, придружена со фрикасе од шумски печурки, крцкава панчета и масло од млад кромид.
„Првото јадење се одликува со префинета, свиленкаста супа (велуте) од слатка жолта тиква. Таа е нежно подготвена за да ги истакне деликатните сезонски вкусови – особено земјените ноти на шумските печурки пропржени со свежи зачински билки. Заедно, овие состојки создаваат богато фрикасе, надополнето со крцкава панчета за солен и зачаден контраст. Завршното прелевање со масло од млад кромид додава живост и суптилна свежина“, се наведува во соопштението.
Второто јадење се состоеше од морски гргеч во обвивка од сусам, динстан млад бок-чој, печен градинарски модар патлиџан и зелен сос (sauce verte).
Во описот се наведува дека второто јадење е деликатно подготвено со свеж морски гргеч обложен со потпечен сусам – комбинација што создава мирислива кора со вкус на јаткасти плодови, додека месото на рибата останува меко. Рибата се служи со крцкав млад бок-чој и печен модар патлиџан, што создава благо карамелизирани вкусови, а јадењето е заокружено со живописен зелен сос од свежи билки кој додава киселост и градинарска нота.
За десерт беа послужени крем од ванила и сладолед со мед од Белата куќа, придружени со франџипан од ореви и конфит од вишни.
По вечерата – разновидна забавна програма
Покрај оброкот, администрацијата на Трамп организираше и разновидна забавна програма за државната вечера со Си Џинпинг.
Главниот настап го имаше оперскиот пејач Кристофер Макио, кој претходно настапувал на неколку настани поддржани од Трамп.
Настапија и музичари од Корпусот на маринците и од Армијата на САД, вклучувајќи ги Хорот на Армијата на САД и Гудачкиот оркестар на Армијата на САД. Според Белата куќа, декорацијата за свечената вечера во чест на кинескиот претседател и неговата сопруга била претежно црвена – што го одразува нејзиното „долгогодишно културно значење низ кинеската историја“ – и вклучувала црвени чаршафи и вазни полни со црвени цвеќиња.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата