Кога вината ви тежи на градите, веројатно не ги бирате најпаметните зборови. Ако гневот ви е достапен, можеби вашата реакција е: Па што ако сум виновен? Што сега? Или можеби едноставно ќе се соберете и ќе посакате да станете невидливи.
Зад овие две навидум сосема спротивни реакции се крие истата длабока вознемиреност и страв.
Не е лесно да се справиш со чувството на вина, целиот стрепиш како светот да се руши, како да врескаш во магла и никој не те слуша, уплашени сте и беспомошни, и немате за што да се фатите. Но, исто така ве лути кога ви вината ви се наметнува.
Го препознавате ли обидот за контрола во обвинувањата?
Постојат луѓе кои несвесно ви наметнуваат вина затоа што тогаш се чувствуваат подобро. Честопати тоа е нивната сопствена вина, но полесно им е кога ја насочуваат. Но, има и такви кои свесно го користат чувството на вина за да си ја „тераат водата на нивната воденица“.
Формулата е едноставна: ви ја префрлаат одговорноста што не е ваша, а вие имате чувство дека не можете да се одбраните. Погласни се, поречити, или едноставно, помоќни.
Ако имате ниска толеранција на сопственото чувство на вина, ќе направите сè за да не го изгубите тлото под нозете.
Во моментот кога ќе почнете да се браните, веќе сте ја изгубиле битката
Можеби ќе се обидете да ја разрешите вината преку дијалог за да ја докажете својата невиност. Но, тоа прераснува во расправија и неподнослив притисок. На крајот, си заминувате скршени, со спуштени рамена.
Сè додека ве преплавува чувството на вина, расправијата е стапица. Чувството на вина го активира одбранбениот механизам и го попречува рационалното размислување. Затоа дури отпосле ќе се сетите што „требало“ да го кажете.
Во такви моменти, полесни сте за манипулација и контрола. На пример, се наоѓате при крајот на дополнителен проект кој воопшто не бил ваша обврска.
Ова важи за секој однос: со шефот, партнерот, со родителот или со детето...
Што функционира: лутината, обидот за смирување или дистанцирањето?
Некои од нас успеваат да се одбранат преку лутина. Ако се налутите доволно, луѓето ќе се исплашат и ќе престанат да ве обвинуваат. Но, лутината подоцна си го зема својот данок; понекогаш губите важен однос. Ако ја изгубите работата или останете сами, можеби ќе се запрашате: се исплатеше ли што се налутив?
Некои ќе се откажат од себеси и ќе се обидат да ја смират личноста што ги обвинува. Односот можеби ќе опстане, но тоа скапо ве чини. После толку многу компромиси, се препознавате ли себеси? Но и тогаш, губењето на сопствениот идентитет може да изгледа помалку страшно од отфрленоста и осаменоста.
Некои, едноставно, се повлекуваат. Не зрело, туку им се случува еден вид физичка и емоционална вкочанетост. Не се осудуваат да воспостават поврзаност, ниту, пак, имаат вистински контакт со себе.
Ваквите одбранбени обрасци формирани уште во детството, во сегашноста ни носат повеќе штета отколку корист.
Кога промената на начинот на размислување не успева да го смири телото
Постојат логични совети што можат да помогнат во надминување на чувството на вина, па некој ќе те праша: „Кој е одговорен овде?“;„Навистина ли е твоја вина?
Можеби ќе ве прашаат и на терапија, но не веднаш и не како решение.
Логичкото размислување и емоциите не се развивале истовремено и не функционираат на исто ниво. Едното е сместено во умот, а другото во телото.
Ако сте ментално силни, можете да се убедите себеси да не чувствувате вина бидејќи, всушност, не сте виновни. Сепак, чувството на немир опстојува во вашето тело. Особено ако во детството сте биле оптоварени со вина и ако и ден-денес зборовите сè уште ви одекнуваат во главата: „Лош си“;„Ме лутиш!“;„Престани да плачеш за глупости!“
А, кога телото не ја следи вашата логика, може да се чувствувате неспособно или глупаво, бидејќи повеќе не знаете како да си помогнете или како да престанете да чувствувате немир. Некои од нас, во такви моменти, едноставно се отсекуваат од своите чувства и од телото. Ако ова ви се случило, на терапијата ќе ѝ треба време за да се почувствувате доволно безбедно и повторно да се отворите кон своите чувства.
Зашто, да мислиш дека нешто чувствуваш, не е исто со чувствувањето. Емоциите не се мисли; нив ги препознаваме преку сензациите во телото. Токму затоа логиката функционира само до одредена точка. Таа може да ви помогне свесно да го контролирате и менувате своето однесување со цел да се ослободите од стегата на вина во вашето тело...
Вашиот одбранбен образец не е само во однесувањето, туку и во реакциите на нервниот систем. Плитко дишење, грутка во грлото, „магла“ во умот – сигурно сте доживеале уште нешто.
Како да се справите со овие автоматски, непријатни реакции?
Најпрво, внимателно набљудувајте и почувствувајте како точно реагирате, не само преку зборови, туку и преку реакција на телото. На пример, кога чувствувате ненадеен бран на анксиозност и желба едноставно да исчезнете, како точно го правите тоа?
На почетокот, ова може да биде предизвик и да создава збунетост, поради што е најдобро да побарате стручна поддршка.
Таму заедно истражувате како да му дозволите на телото да ја задоволи таа потреба – на пример, нагонот за бегство. Преку телесно-ориентирана терапија, можете буквално да се ослободите од напнатоста и немирот што ги чувствувате. Да речеме, нозете ви се треселе додека сте чувствувале немир. Преку вежба водена од терапевт, навистина им дозволувате да „истрчаат“ на безбедно – импулсот исчезнува, и настапува чувство на олеснување.
Знам дека доживувањето на толку силна, сурова реакција може да изгледа тешко, но не сте единствени што чувствуваат вака.
Кога ќе видите дека тоа им се случува и на другите, почнувате да сфаќате дека го трасирате патот кон емоционалното созревање. А токму тука започнува олеснувањето – советува психосоцијален терапевт за сенса.хр.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата