logo
logo
logo

Фестивалот Киненова е отворен:

Милан Терзиќ посака добри филмови и убави разговори

Vecer | 14.10.2026

Милан Терзиќ посака добри филмови и убави разговори

-Оваа година ве водиме во океанот на светската филмска продукција и ви ги откриваме најновите филмски приказни од различни меридијани. Селекцијата на филмови која ќе ја погледнете низ фестивалските денови е работена по три главни дијагонали. Како човек кој верува во универзалноста на човековите права и во нивното еднакво почитување насекаде во светот, чувствував потреба да ги пронајдеме најсмелите, најбунтовните и најбескомпромисните авторски гласови во современата светска кинематографија. А како некој што е длабоко маѓепсан од синеастичната естетика и нејзината моќ, не можев да го занемарам ниту она што го сметам за едно од најсилните страни на филмот: способноста преку слика, светлина, звук и тишина да создаде искуство што ниту еден друг уметнички медиум не може да го понуди на ист начин. Да продолжиме да гледаме. Да продолжиме да прашуваме. И, пред сè, да не престанеме да веруваме во моќта на филмските приказни. Да го славиме добриот филм и искрените филмски авторски гласови, рече вечерва Небојша Јовановиќ, директор на МФФ Киненова на свеченото отворање и посочи дека ова е најсилната селекција на КИНЕНОВА до сега.

На свеченото отворање на 11. издание на МФФ Киненова, на кое присуствуваше Претседателката Гордана Сиљановска -Давкова, градоначалничката на Кисела Вода, Бети Стаменкоска -Трајкоска, актери, режисери, филмски работници и и бројни љубители и почитувачи на филмската уметност, на годинешниот лауреат, турскиот режисер, сценарист, актер и историчар Емин Алпер му беше врачена наградата Златна грива, за особен придонес во светската филмска уметност.

-Ви благодарам многу за оваа толку значајна награда. Голема чест е да ја добијам токму од КинеНова. Овој фестивал ја слави филмската уметност како универзален јазик и бара нови автори, нови гласови и нови начини на изразување надвор од мејнстримот. За мене, филмот отсекогаш бил начин да се разберат луѓето, нивните стравови, нивните желби и општествата во кои живееме. И верувам дека филмот е најдобар кога ни овозможува да го погледнеме светот од перспектива на друга личност. Верувам дека филмската уметност не е само начин на раскажување приказни. Тоа е исто така начин на преиспитување на светот во кој живееме. Во време кога омразата, национализмот, нетолеранцијата и политичката поларизација стануваат сè помоќни, верувам дека е поважно од кога било филмот да остане простор за сомнеж, имагинација и емпатија. Тој не може само да го промени светот. Но, може да нè натера да го гледаме светот поинаку. Може да им даде глас на оние кои се игнорирани, да ги предизвика моќните и да нè потсети дека секогаш постои друг начин на гледање на работите. Длабоко сум благодарен на КИНЕНОВА и на сите што ги поддржаа моите филмови и го споделија ова патување со мене. Ви благодарам за оваа чест, а најмногу од сè, ви благодарам што го одржувате филмот како уметност и кино културата во живот, рече Алпер.

На бината вечерва се качија и дечињата од основните училишта во Кисела Вода кои учествуваа на филмската работилница „Снимај паметно, остави трага“ под менторство на режисерката Марија Џиџева и публиката имаше можност да ги поздрави и да ги погледне филмовите кои ги изработиле.

Градоначалничката на Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска поздравувајќи ги присутните посочи дека оваа работилница е пример како филмот може да се трансформира во моќна алатка за обединување, емпатија и разбирање. Таа го скрати својот говор и пред присутните од срце рече дека како професторка, градоначалничка и како мајка сака да ја поддржи светлината на овие деца, да биде поголема На прво светло!

На ова  фестивалско издание одлуките за наградите ќе ги носи меѓународна жири комисија во состав Емин Алпер, претседател, Александра Марковиќ- документаристка и професор по филмска монтажа и Гоце Цветановски, филмски режисер, кој силно се докажа во светот на анимацијата. Тие вечерва се поклонија пред публиката и изразија задоволство што се дел од овој фестивал и што ќе имаат можност да гледаат и да разговараат за одлични филмови.

Со проекцијата на филмот „Три недели потоа“ беше отворено фестивалското издание, а фестивалот за отворен го прогласи режисерот на филмот Мирослав Терзиќ, кој на македонски јазик рече:-Голема чест за мене е да го отворам фестивалот Киненова. Кога размислував на кој јазик да го отворам тоа требаше да изгледа некако вака: Ви благодарам што ме поканивте на фестивалот, благодарам на поканат и ви посакувам добри филмови и убави разговори. Фестивалот Киненова е отворен!

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk