Замастен црн дроб, односно метаболички условената болест на црниот дроб (енгл. metabolically associated steatotic liver disease, MASLD), во развиените земји зафаќа околу 30 проценти од возрасните лица. MASLD опфаќа широк спектар на заболувања на црниот дроб, од мало наталожување маснотии сè до цироза, го зголемува ризикот од хепатоцелуларен карцином и предвремена смртност и претставува претставува значаен товар за јавното здравје..
При споменувањето на масниот црн дроб, многумина претпоставуваат дека главни причинители на болеста се прехранбените масти, но некои од нејзините најважни прехранбени причинители на прв поглед и не се поврзани со маснотиите. Тоа се засладените пијалаци, црвеното месо и ултрапреработената храна.
Што прави фруктозата?
Меѓу најголемите виновници за масниот црн дроб се засладените пијалаци, како што се газираните пијалаци и овошните сокови, и тоа поради високата содржина на фруктоза. За разлика од глукозата, фруктозата ги заобиколува клучните метаболички патишта регулирани со инсулин, поттикнувајќи инсулинска резистенција. Покрај тоа, го зголемува производството на триглицериди и придонесува за воспаление на црниот дроб преку оксидативен стрес.
Истражувањата ја поврзаа консумацијата на газирани пијалаци и овошни сокови со напредната фиброза на црниот дроб. Во едно рандомизирано контролирано испитување, консумацијата на 200 грама фруктоза дневно во период од само две недели била доволна за да го покачи нивото на ензимите на црниот дроб кај здрави возрасни лица. За информација, газиран пијалак од 470 милилитри може да содржи речиси 30 грама фруктоза.
Важно е да се напомене дека фруктозата од целото овошје, кое природно ја содржи, не е поврзана со развојот на MASLD, најверојатно поради целокупниот нутритивен состав на овошјето. Затоа, консумацијата на цело овошје и понатаму се препорачува, и покрај природната содржина на фруктоза.
Зошто месото?
Црвеното и преработеното месо исто така силно придонесуваат за развој на масниот црн дроб. Една израелска студија заклучи дека лицата кои јадат повеќе црвено месо имаат 1,5 пати поголеми изгледи да заболат од масен црн дроб. Покрај тоа, поголемата консумација на црвено и преработено месо се поврзува со зголемен ризик од дијабетес и кардиоваскуларни болести.
Иако црвеното месо обезбедува важни нутриенти, вклучувајќи протеини, железо и цинк, тоа содржи и значителни количини заситени масни киселини и холестерол, што може да поттикне оксидативен стрес, инсулинска резистенција, метаболички синдром и MASLD. Преработеното месо, покрај наведените ризици, содржи уште и високи нивоа на натриум и нитрати, кои можат дополнително да ја влошат метаболичката дисфункција и се поврзуваат со зголемена смртност од сите причини.
Што е најдобро да се јаде
Не е изненадување што водечките европски и американски здруженија за црн дроб, дијабетес и дебелина за намалување на ризикот од развој на масен црн дроб ја препорачуваат медитеранската исхрана. Таа е богата со риба, овошје, зеленчук, јаткасти плодови и здрави масти, па освен што е добра за црниот дроб, истовремено го подобрува кардиоваскуларното здравје и ја намалува вкупната смртност.
Храната што најверојатно ќе го оштети црниот дроб не е нужно онаа што е видливо масна. Честопати најризични се прекумерниот внес на шеќер и ултрапреработена храна, кои се премногу застапени во западната исхрана. Заштитата на црниот дроб помалку се сведува на целосно избегнување на мастите, а повеќе на насочување кон цела, минимално преработена храна, намалување на внесот на слатки пијалаци, ограничување на консумацијата на црвено и преработено месо и усвојување на моделот на медитеранска исхрана.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата