Првата дама на САД, Меланија Трамп, во средата изјави дека имала прекрасно детство растејќи под комунистичкиот систем во Словенија. Нејзиниот личен осврт доаѓа во време кога нејзиниот сопруг, Доналд Трамп, редовно го посочува комунизмот како најголема закана за неговата земја, пренесува „Њузвик“ (Newsweek).
„Растев под комунизмот и, искрено, ништо не ми недостасуваше“, рече Меланија во интервју за „Фокс бизнис“ (Fox Business). „Сметам дека имав прекрасно детство, а родителите ни обезбедија навистина убав живот.“
Нејзината изјава доаѓа во екот на сè поострите напади од страна на американскиот претседател врз демократите и демократските социјалисти. Говорејќи на собир на Републиканската партија овој месец, Трамп рече: „Тие себеси се нарекуваат демократски социјалисти, но всушност се комунисти.“
Меланија Трамп, родена како Меланија Кнавс во 1970 година во Ново Место, пораснала во поранешна Југославија, во малото место Севница. Таа се преселила во САД во 1990-тите за да гради кариера како модел, а американско државјанство добила во 2006 година.
На прашањето како изгледало растењето под комунистички режим и дали луѓето од Источна Европа имаат поинаква перспектива за слободата поради тоа искуство, Меланија истакна дека нејзиното детство било позитивно, иако со одредени огради.
„Се разбира, имаше работи за кои мораше да се води сметка“, рече таа. „Мораше да внимаваш што правиш. Не беше толку слободно како што е денес во САД.“ Тоа било поинакво време, но додека растела, не го доживувала така, пренесува „Њузвик“.
Историјата на Словенија во рамките на Југославија
Американскиот медиум забележува дека Меланија пораснала во социјалистичка Југославија, федерација предводена од Комунистичката партија, формирана по Втората светска војна. Словенија, потсетуваат тие, била една од шесте конститутивни републики, покрај Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Македонија.
Со Југославија со децении владеел Јосип Броз Тито, но нејзиниот систем се разликувал од советскиот модел, пишува „Њузвик“. По историскиот раскол меѓу Тито и Сталин во 1948 година, Југославија разви свој модел на социјализам заснован на работничко самоуправување и остана надвор од советскиот блок.
Иако политичката моќ остана цврсто во рацете на Комунистичката партија, Словенија беше економски најразвиената република. По смртта на Тито во 1980 година, економските и политичките тензии во земјата се зголемија, што на крајот доведе до стремежи кон повеќепартиски систем и независност.
Првите повеќепартиски избори во Словенија се одржаа во 1990 година, а независноста од Југославија беше прогласена на 25 јуни 1991 година. Така, Меланија го поминала своето детство и тинејџерските години во рамките на југословенскиот систем пред Словенија да стане независна држава – се заклучува во делот од статијата посветен на првата дама на САД.
Што вели Доналд Трамп за комунизмот?
Од друга страна, темата за комунизмот стана клучен елемент на политичката реторика на Доналд Трамп. Американскиот претседател често го користи зборот „комунист“ кога ја критикува Демократската партија и политичарите поврзани со движењето на демократскиот социјализам.
Во говорот по повод Денот на независноста, на 4 јули, Трамп изјави: „Комунизмот е систем што губи и секогаш ќе биде таков. Нашите борци не се бореа против комунизмот на боиштата низ светот само за таа погубна појава да се врати токму пред нашите очи, овде во Америка. Тоа нема да го дозволиме“.
Трамп отиде и чекор понатаму, тврдејќи дека Демократската партија „се претвора во комунистичка партија“, додека на јунската конференција на коалицијата „Вера и слобода“ (Faith and Freedom), одредени демократи ги нарече „безбожни, радикални комунисти“.
Тој особено го критикуваше прогресивното крило на Демократската партија. На конвенцијата на Републиканската партија во Далас, одржана претходно овој месец, тој изјави: „Тие себеси се нарекуваат демократски социјалисти, но всушност се комунисти“, предупредувајќи дека победата на демократите би можела да доведе до формирање „комунистички клуб“ во Конгресот.
Нападите на Трамп се насочени и кон група прогресивни кандидати кои победија на внатрепартиските избори на Демократската партија, совладувајќи ги умерените кандидати блиски до партискиот естаблишмент.
На крајот, „Њузвик“ појаснува дека демократскиот социјализам и комунизмот не се иста работа. Политичките аналитичари и службениците за проверка на факти нагласуваат дека станува збор за две сосема различни политички традиции – додека комунизмот се поврзува со еднопартиски режими, демократскиот социјализам во САД се залага за демократска контрола и колективна сопственост врз клучните сектори на економијата во рамките на демократски систем, заклучуваат тие.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата