Трагедија го потресе светот на социјалните мрежи и естетската медицина откако 43-годишниот британски бизнисмен и познат инфлуенсер Иго Убирибо почина за време на операција за зголемување на пенисот во Бангкок. Официјалниот британски обдукциски извештај потврди дека смртта е директна последица од компликации предизвикани од инјекција со хијалуронска киселина.
Убирибо, познат на Инстаграм под псевдонимите „Tiny“ и „Ego“ каде го следеа над 185.000 луѓе, важеше за симбол на луксузен живот кој често го споделуваше со својата сопруга Даниела.
Драматични детали за последните моменти
Според извештајот на обдукцијата, веднаш по примањето на енормната количина филери, Убирибо заминал на масажа, каде што се пожалил на силни болки во градите и се срушил. Тој бил итно пренесен во болница под сомневање за белодробна емболија, но ја изгубил свеста уште пред лекарите да успеат да направат томографија.
Медицинскиот тим се борел за неговиот живот и вршел реанимација повеќе од 100 минути, но лекарите прогласиле смрт во 1 часот по полноќ.
Институциите влегоа во клиниката: Дали имало лекарска грешка?
Тајландското Министерство за здравство и полицијата започнаа обемна истрага и веќе извршија вонреден увид во клиниката во центарот на Бангкок. Се проверува дали објектот имал валидни дозволи за работа и дали биле почитувани медицинските протоколи.
„Нашата цел е да обезбедиме правда и да ги увериме сите домашни и странски пациенти дека на Тајланд добиваат безбедна и квалитетна нега од највисок стандард“, изјави тајландскиот министер за здравство, Патана Промфат.
Од управата на клиниката се правдаат дека Убирибо бил нивен редовен пациент кој претходно веќе имал направено четири слични зафати. На последниот третман му биле инјектирани дури 40 милилитри филер. Клиниката тврди дека лекарот предложил зафатот да се подели во две сесии, но британскиот инфлуенсер инсистирал целата количина да му биде аплицирана одеднаш.
Овој случај отвори сериозни прашања за безбедноста на пазарот за естетска медицина на Тајланд, кој брои над 7.000 регистрирани клиники и се проценува дека до 2027 година ќе достигне вредност од 7,5 милијарди долари.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата