Научниците збуниети

Што се случува? СÈ ПОВЕЌЕ БЕБИЊА СЕ РАЃААТ СО МОРБИЛИ

Vecer | 17.11.2026

Што се случува? СÈ ПОВЕЌЕ БЕБИЊА СЕ РАЃААТ СО МОРБИЛИ
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

За првпат по неколку децении, американските лекари алармираат за појава на бебиња кои се раѓаат заразени со морбили, пишува abc News. Станува збор за вродени морбили, состојба во која бремената жена го пренесува вирусот на плодот во матката, а последиците за новороденчето можат да бидат сериозни, па дури и фатални.

Според прелиминарните податоци на американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), од почетокот на 2025 година до крајот на септември 2026 година биле пријавени 13 случаи на вродени морбили. Во истиот период биле потврдени и 112 случаи на морбили кај бремени жени. Речиси сите од нив или не биле вакцинирани или нивниот вакцинален статус бил непознат.

– Ова е сосема нов феномен – предупредува Мајкл Остерхолм, директор на Центарот за истражување и политика за заразни болести при Универзитетот во Минесота.

Појавата е поврзана со опаѓањето на стапките на вакцинација, што овозможува ширење на вирусот. Во последните две години во САД се регистрирани повеќе од 7.500 случаи на морбили, а лекарите велат дека нивото на заразување не било толку високо во последните 30 години.

– Кога морбилите се под контрола, вродени морбили не се појавуваат – вели д-р Адам Ратнер, член на комитетот за заразни болести на Американската академија за педијатрија.

Ризикот е најголем пред породувањето

Ако жената се зарази со морбили кон крајот на бременоста, постои голема веројатност да му го пренесе вирусот на бебето. Според процените на педијатриската асоцијација, од 25 до 30 отсто од бебињата родени од мајки кои се заразиле непосредно пред породувањето може и самите да се инфицираат.

Знаците на инфекцијата се откриваат многу брзо по раѓањето. Најчестите симптоми се треска, жолтица и карактеристичниот осип.

Можните компликации се многу посериозни. Меѓу нив се воспаление на белите дробови, енцефалитис, односно воспаление на мозокот, како и ретко, но речиси секогаш смртоносно невролошко заболување познато како субакутен склерозирачки паненцефалитис (ССПЕ). Тоа може да се развие и многу години по првичната инфекција со морбили.

Лекарите предупредуваат дека децата заразени уште во мајчината утроба можеби имаат поголем ризик од оваа компликација, која може да се појави и порано отколку кај другите деца.

Има и предвремени породувања и хоспитализации

Дополнителни податоци објавени во медицинското списание „NEJM Evidence“ откриваат дека од 112 бремени жени заразени со морбили, 26 биле хоспитализирани од причини што не биле поврзани со породувањето, а 11 развиле воспаление на белите дробови.

Од 19 живородени бебиња кај кои породувањето се случило во рок од 14 дена од појавата на осипот кај мајката, осум биле родени предвреме, а осум биле примени на одделение за интензивна нега на новороденчиња. Во евидентираните исходи имало и два спонтани абортуса и еден мртвороден случај, но не е утврдено дали морбилите биле причина за овие загуби.

„Вашингтон пост“ објави дека лекарите во Пенсилванија, каде што е забележана најголемата епидемија во земјата, веќе се соочуваат со случаи какви што со години не сретнале во медицинската практика. Посебна загриженост предизвикува тоа што инфекцијата кај најмалите бебиња не мора секогаш да изгледа како типичните морбили, па може и да остане непрепознаена.

Вакцинација пред бременоста

Лекарите нагласуваат дека најдобрата заштита е жените да ја примат МРП-вакцината (против морбили, рубеола и заушки) пред да забременат. Антителата потоа се пренесуваат од мајката на плодот преку плацентата и можат да обезбедат заштита и во првите месеци по раѓањето.

Вакцината МРП не се дава за време на бременоста. Жените кои не се вакцинирани, никогаш немале морбили и биле изложени на вирусот во текот на бременоста, во одредени случаи можат да примат препарат со антитела во рок од шест дена по изложувањето, со цел да се намали ризикот од инфекција и компликации.

Првата редовна доза на МРП-вакцината кај децата се дава на возраст од 12 до 15 месеци. Во подрачја со епидемија, вакцинацијата може да започне и на шестмесечна возраст, по препорака на здравствените власти.

Лекарите предупредуваат дека падот на вакциналниот опфат ја загрозува и заштитата на бебињата кои се премали за да бидат вакцинирани. За да се спречи ширење на морбилите, потребно е најмалку 95 отсто од населението во заедницата да биде вакцинирано. Во САД, според ЦДЦ, во учебната 2025/2026 година задолжителната МРП-вакцинација ја примиле 92,4 отсто од децата во градинките.

– Мораме повторно да дојдеме до точка во која секој што може да се вакцинира ќе биде вакциниран – предупредува д-р Ратнер.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk