Туширањето за повеќето луѓе е секојдневна навика за која ретко размислуваме. Но, дали е важно по кој редослед ги миеме косата, лицето и телото? Се покажало дека ниту оние што се занимаваат со оваа тема не се согласуваат околу одговорот. Додека едни препорачуваат миење од главата кон стапалата, други сметаат дека косата треба да се измие последна, пишува „Дејли мејл“.
Прво косата, па остатокот од телото
Микробиологот Примроуз Фристон од Универзитетот во Лестер смета дека туширањето е најдобро да се започне со миење на косата. Таа препорачува прво косата да се измие со шампон и да се нанесе регенератор, а потоа да се продолжи со миење на остатокот од телото, од главата кон стапалата. По косата, треба да се измие лицето, потоа рацете, рамената и грбот, додека деловите од телото под половината треба да се остават за на крај.
Фристон, исто така, ја нагласува важноста на редовната хигиена. Според неа, повеќето луѓе доволно е да се тушираат секој втор ден, но оние што го сакаат тоа можат темелно да се мијат и секој ден.
Таа вели дека и самата се придржува на строгите правила за хигиена. Во нејзиното домаќинство секоја крпа се користи само еднаш, по што се пере на 60 степени. Простирките за бања се перат најмалку еднаш неделно, а главата на тушот редовно се чисти.
Тој особено предупредува на микроорганизмите што можат да се насоберат во главата на тушот, вклучувајќи ги и бактериите од родот легионела, кои можат да предизвикаат легионерска болест.
Или, сепак, е сосема обратно?
Со нејзините препораки не се согласува Мате Раџпут, клинички директор на клиниката КСЛ. Тој смета дека туширањето треба да започне со миење на телото, потоа да се измие лицето, а косата да се остави за самиот крај. Како причина ги наведува остатоците од шампонот и регенераторот што можат да се задржат на кожата и скалпот. Тој објаснува дека таквите остатоци можат да придонесат за затнување на порите и отворите на фоликулите на влакната.
Раџпут, исто така, предупредува и на навиката да се нанесува регенератор на косата додека се мие остатокот од телото. Според неговите зборови, остатоците од регенераторот можат да се наталожат на скалпот, што може негативно да влијае на растот на косата и да придонесе за нејзино проретчување.
Дали тогаш постои точен редослед?
Иако нудат различни препораки, и двајцата експерти ја нагласуваат важноста на темелното отстранување на нечистотиите и остатоците од козметичките производи. Фристон дава предност на миењето од главата кон стапалата, додека Раџпут смета дека косата треба да се остави за на крај.
Според наведеното, се чини дека не постои еден општоприфатен редослед на туширање. Поважно е темелно да се измие телото и добро да се исплакнат шампонот и регенераторот за да не останат нивните остатоци на кожата и скалпот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата