logo
logo
logo

Клиники во Северен Кипар им подметнувале погрешни донори на родители од Британија

Vecer | 18.08.2026

Клиники во Северен Кипар им подметнувале погрешни донори на родители од Британија

Најмалку 30 деца, главно од Велика Британија, можеби се зачнати со користење погрешни донори на сперма или јајце-клетки во постапки за вонтелесно оплодување (IVF) во Северен Кипар, покажа истражувањето на Би-би-си (BBC).

Истражувањето на Би-би-си претходно годинава откри седум вакви случаи.

Родителите ги избирале анонимните донори врз основа на нивната медицинска историја, изглед, карактер, образование и хобија, но подоцна се сомневале дека бараните донори не биле употребени во нивните третмани. Половина од 30-те деца се родени по постапки во клиниката Dogus IVF Center.

Три лица – докторката Фирдевс Угуз Тип, докторот Шевкет Алптурк и координаторката за работа со пациенти Џули Ходсон – биле вклучени во лекувањето или комуникацијата со многу од пациентите. Родителите се сомневаат дека биле измамени од членови на персоналот. Угуз Тип негира каква било вина, додека Алптурк и Ходсон не одговорија на прашањата на Би-би-си.

Би-би-си исто така објави дека банката за сперма Cryos International ја ставила клиниката Dogus на црна листа во 2016 година.

Министерството за здравство на Северен Кипар по првите наводи соопшти дека покренало официјална истрага, но не одговори на повторените барања за дополнителни информации. Повеќето родители кои му се обратија на Би-би-си наведоа дека клиниките им ветиле проверени и здрави донори од Западна Европа. Од 30-те деца, кај 11 се направени ДНК тестови, кои покажале генетско потекло од Турција или од околните земји.

Повеќето од тестираните деца се зачнати помеѓу 2012 и 2024 година во клиниката Dogus.

Една од мајките, Рејчел, по 13 години неизвесност дознала дека нејзиниот син Џона не е зачнат со сперма од донорот што го избрала. Таа во 2012 година избрала анонимен дански донор, познат под името Дито, преку веб-страницата на Cryos International.

Третманот во клиниката Dogus чинел околу 4.000 евра и вклучувал донорска сперма од таа банка.

Рејчел почнала да се сомнева кога координаторите на клиниката, меѓу кои била и Ходсон, повеќепати одбивале да ѝ испратат медицински извештај со кој би се потврдило дека е користена спермата од избраниот донор. Дополнителни сомнежи предизвикал и изгледот на нејзиниот син, кој се разликувал од нејзиниот и од описот на донорот.

ДНК тестовите покажале дека Џона е нејзин биолошки син, но дека Дито не бил неговиот донор. Експертите за плодност оценија дека случајната употреба на погрешен донор за време на вонтелесно оплодување е исклучително ретка и дека бројот на вакви случаи може да укажува на „невнимание“ или „измама“.

Од 15-те случаи поврзани со клиниката Dogus, во повеќе од нив биле вклучени истите тројца членови на персоналот.

Алптурк е сопственик и менаџер на клиниката, а според податоците на владата на Северен Кипар, тој ги одобрува процедурите и активностите.

Угуз Тип лекувала уште девет деца поврзани со Dogus. Таа тврди дека Алптурк бил одговорен за одобрување на процедурите и негира дека ги измамувала пациентите.

По заминувањето од Dogus во 2015 година, таа била вклучена во уште девет слични случаи во две други клиники, од кои повеќето се однесувале на клиниката Miracle IVF, која сега ја води. Ходсон била главниот контакт за повеќето британски пациенти и во е-пошта им наведувала дека Угуз Тип во нивно име ќе нарача сперма од банката Cryos.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk