Осамнаесетгодишниот студент Коби и неговите колеги пронајдоа златници и златни шипки за време на уривање на зграда во Дендермонде, Белгија, а вредноста на пронајденото благо се проценува на околу девет милиони евра.
Златото го презедоа надлежните служби и безбедно го складираа, но сè уште не е познато кому тоа правно му припаѓа, ниту пак дали пронаоѓачите ќе добијат награда, пренесе порталот VRT.
Коби со колегите во вторникот работел на уривање на зграда во Синт-Гилис-Дендермонде. За време на земјените работи, додека отстранувале дел од темелот за да постават канализациска цевка, здогледале нешто што личело на монети.
„На почетокот мислев дека тоа се монети од еден евро. Но потоа видовме и грутка злато и сфативме дека станува збор за нешто многу поголемо“, изјави Коби.
Раководителот на градилиштето, Марио, изјави дека работниците продолжиле да копаат и пронашле уште монети и шипки.
По пронаоѓањето, раководителот ги известил сопственикот на зградата и полицијата, а надлежните служби го презеле златото, го попишале и го однеле во високобезбеден трезор на сојузните државни служби.
Коби рече дека работниците накратко помислиле дека би можеле да го задржат пронајденото злато, но брзо се откажале од таа идеја.
„По 33 години во градежништвото, ова е првпат да доживеам вакво нешто. Не верувам дека ќе се повтори“, изјави Марио.
Полицијата во Дендермонде ги повика граѓаните да не доаѓаат на градилиштето, откако таму веќе се собрале десетици луѓе.
Полицијата исто така предупреди дека локацијата е многу опасна бидејќи зградата целосно се урива, а на градилиштето има багери и ископи.
Влезот е забранет, а просторот е ограден.
Полицијата порача дека се надева оти богатството на крајот ќе му припадне на оној кому по закон му припаѓа и дека неочекуваното откритие позитивно ќе ги промени животите на многу луѓе.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата