Возачите ширум светот се сè повеќе разочарани затоа што модерните автомобили веќе не се толку сигурни ниту материјалите во нив се квалитетни како што беа пред 10 или 15 години. Иако технологијата напредна, таа всушност стана најголем проблем денес.
Во новите автомобили ви продаваат “се и сешто“ напишано во спецификациите а судбината на автомобилот не зависи од тоа како го возите туку - дали и кога ќе откаже некоја елетроника без оглед на вашето однесување. Колите се полни со пластика и софтвери од кои половина функции или не ви се јасни, или не ви се потребни.
Новите автомобили денес се “пластиканери“, вистински технолошки бомби контролирани само од софтвер и електроника во кои една едноставна софтверска грешка може да претвори возило вредно неколку десетици илјади евра во куп бескорисен лим и пластика а и да предизвика несреќа иако возачот не придонел за тоа.
Да разбереме и дека механиката стана неизмерно покомплицирана поради поригорозните стандарди, но дали затоа мора да плаќаме илјадници евра за поправка на најобичниот фар? И тоа мора да се купи целиот склоп од фарор, а не може да се замени светилката!
Зошто автомобилите порано се расипуваа помалку од “модерниве“?

Автомобилската индустрија во моментов поминува низ една од најголемите трансформации во својата историја. Конкуренцијата, особено онаа што доаѓа од Кина, драстично го забрза развојот.
Во Кина, нов модел се развива од нула до финален производ за само две години (двојно побрзо отколку во Европа), па европските брендови се принудени да го следат тоа убиствено темпо за да останат конкурентни на пазарот.
Пократките рокови на испорака исто така значат драстично помалку време за развој, тестирање и дебагирање пред автомобилот да стигне до салонот и клиентите. Додека во минатото најголемите проблеми беа од механичка природа, денес дефектите се предизвикани исклучиво од електроника и софтвер. Современите автомобили имаат десетици компјутерски уреди кои го контролираат моторот и мултимедијата, па најмалата грешка во софтверот редовно води до масовни повлекувања на возила низ целиот свет.

Најдобриот (и најскапиот) пример за оваа бесмислена технолошка компликација се модерните LED и Matrix светла. Порано, мала испакнатина на фарот предизвикана на паркингот завршуваше со површинска гребнатинка и кратка (и евтина) посета на сервисот за каросерија. На модерен автомобил, само пукнатина во проѕирната пластика на фарот е доволна за да ја испрати сметката за поправка до неколку илјади евра! Очајно!
Германскиот осигурителен гигант „Алијанц“ затоа јавно побара од производителите да ги реконструираат светлата за да можат да се поправат, наместо да го фрлаат целиот склоп во корпата за отпадоци поради еден мал оштетен дел.
Според нивните податоци, само во Германија годишно се оштетуваат околу 870.000 фарови. Нивната просечна цена се зголемила од 708 евра (во 2015 година) на неверојатни 1.251 евра во 2025 година - скок од дури 77 проценти! Кај некои луксузни автомобили, само еден фар може да чини до луди 7.000 евра! Тоа е цена за стандарно половно возлио - за еден фар!
Причината за ваквото ограбување на клиентите не е само едноставно зголемување на цената на резервните делови. Денешните светла содржат LED модули, ласери, камери, контролна електроника, сензори и сложени системи за ладење. Но, сали е секому тоа неопходно?
Проблемот се јавува кога производителот намерно не нуди проѕирна пластика, куќиште или држачи одделно. Ако еден мал пластичен елемент пукне - мора да купите комплетен фар. „Alianz“ ја споредува оваа практика на бесрамните производители со фрлање екстремно скапо одело во ѓубре само поради едно копче што паднало.

Во морето од вакви случаи, единствениот позитивен пример е Тојота и моделот bZ4X. Неговото предно светло може да се расклопи во фабриката на осум одделни делови (куќиште, држачи, LED единица, модул...). Целиот фар чини 2.737 евра, но ако е оштетено само пластичното куќиште, го купувате одделно и поправката ќе ве чини „само“ 500 евра.
Кога, поради дефект на пластичен потпирач вреден стотици евра, е потребна замена на комплетен LED фар од неколку илјади евра, проблемот очигледно повеќе не е во напредната технологија, туку во алчноста на компаниите и начинот на кој ги конструираат автомобилите денес. А ние тоа го плаќаме, и ќутиме додека не пукне фарот и парите за одмор да завршат во сервис.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата