При крајот на јули, американската јавност беше шокирана кога го проследи сведочењето на Ентони Фаучи, поранешниот директор на инфективниот институт НИАИД и главен медицински советник на претседателот Трамп за време на Ковид епидемијата, во Сенатот.
Сенаторите го повикаа Фаучи да го сослушаат за периодот кога имаше огромна моќ врз животите и економијата на САД и на целиот свет, и кога еден негов имаше тежина на глобален декрет. Соочен со прашања за овој драматичен период за светот, Фаучи одбиваше да одговори и на секое прашање возвраќаше со извежбан одговор – нема да одговорам бидејќи одговорот може да ме изложи на кривична одговорност. Некои од сенаторите дури почнаа на шега да го прашуваат која боја му е вратоврската, но и на ваквите прашања Фаучи одбиваше да одговори.
Очигледниот страв од правни последици кај Фаучи е дотолку по-чуден ако се има предвид дека, на еден ден пред враќањето на Трамп на власт, тој доби бланко помилување од претседателот во заминување Џо Бајден за сите можни кривични дела што ги направил во текот на пандемијата и во периодот почнувајќи со 2014 година.
Јавноста засега остана без одговори од доктор Фаучи на клучните прашања за потеклото на Ковид вирусот и како САД и светот се справија со него, но, од друга страна, актуелниот американски секретар за здравство Роберт Ф. Кенеди Џуниор е автор на книга, насловена „Вистинскиот Ентони Фаучи“, во која во детали се осврнува на постапките на веројатно највлијателниот доктор во историјата. Кенеди, потомок на легендарната американска политичка династија, во својата книга го обвинува Фаучи за масовна корупција, ускратување на ефикасни лекови од болните од Ковид, промовирање на опасни и неефикасни лекарства и вакцини поради финансиски профит и политизирање на функцијата која ја држел.
Во три продолженија ќе ги пренесеме најзначајните тврдења на Роберт Кенеди изнесени во неговата книга „Вистинскиот Ентони Фаучи“.

За време на Ковид – 19 пандемијата во 2020 година, доктор Фаучи, кој таа година наполни 80 години, се најде во центарот на вниманието во една глобална драма без преседан во човечката историја.
На почетокот на заразата, САД се уште имаа углед како светски чувар на стандардите во јавното здравство. Иако довербата на светот во американското лидерство се намалуваше за време на ерата на Трамп, единствените американски институции кои навидум беа имуни на ова меѓународно разочарување беа нашите чувари на јавното здравје; Секретаријатот за здравство и неговите подружници ЦДЦ (Центарот за контрола на болести), ФДА (Федералната администрација за лекови) и НИХ (Националниот институт за здравство) – останаа како модели на улоги за глобалните здравствени политики и носители на најпочитуваните научни истражувања. Другите нации се потпираа на најмоќниот и најтрајниот бирократ во јавното здравство во Америка, доктор Фаучи, за целосно водење на здравствените политики на САД и брзо развивање контрамерки што би послужиле како најсовремени шаблони за остатокот од светот.
Доктор Фаучи помина половина век како американски здравствен комесар, цело ова време подготвувајќи се за својата конечна улога како командант во најголемата војна во историјата против една глобална пандемија. Почнувајќи од 1968 година, тој држел разни позиции во Националниот институт за алергии и заразни болести (НИАИД), служејќи како директор на таа агенција од ноември 1984 година. Неговата годишна плата од 417.608 долари го правеше најплатен од сите четири милиони федерални службеници, вклучувајќи го и претседателот на САД.
Неговото искуство во преживувањето 50 години како големец на клучна позиција во федералната бирократија, човек кој советувал шест претседатели, Пентагон, разузнавачки агенции, странски влади и Светската Здравствена Организација- сето тоа одлично го подготви за криза што ќе му овозможи да ја искористи моќта што ја уживал ретко кој владетел и ниту еден доктор досега во историјата, пишува Кенеди во воведот на својата книга посветена на Ентони Фаучи.

Но, по овој блескав вовед, актуелниот Секретар за здравство на САД изнесува стотици страници со шокантни обвинувања и критики за работата на Фаучи, посочувајќи го како бирократ полуден за моќ, корумпиран службеник кој тесно соработува со милијардери како Бил Гејтс и фармацевтските гиганти на САД и човек кој го спречил користењето на евтини и ефикасни лекови кои можеле да го спречат ширењето на коронавирусот.
Двата лека за кои Кенеди инсистира дека можеле да ја запрат епидемијата се Ивермектинот и Хидроксихлорокинот, лекови кои со децении се користеле за лекување разни вирусни инфекции, но според Кенеди, Фаучи направил се што можел да го забрани користењето на овие лекови, а го промовирал лекот Ремдесивир.
Како важна причина за ваквото однесување на Фаучи, Кенеди директно ја посочува корупцијата – “бев шокиран кога дознав колку е распространета мрежата на длабоки финансиски интереси меѓу фармацевтските компании и здравствените регулаторни институции. На пример, Центарот за контрола на болести поседува 57 патенти на вакцини и од својот буџет од 12 милијарди долари, троши 4.9 милијарди на купување и дистрибуција на вакцини. Националниот институт за здравство поседува стотици патенти на вакцини и профитира од продажбата на лекарства кои би требало да ги регулира. Високи функционери, како доктор Фаучи, годишно добиваат до 150,000 долари надомест за продукт кој ќе го развијат и ќе помогнат да биде одобрен за употреба. Агенцијата за храна и лекови добива 45 проценти од својот буџет од фармацевтската индустрија, кои ги книжи под еуфемистичкиот израз ‘надоместоци од корисниците’“, пишува Кенеди.
Според актуелниот секретар за здравство на САД, проблемот со ивермектинот и хидроксихлорокинот бил во тоа што се работи за стари лекови, кои одамна се пуштени во масовна употреба, и чиј патент е истечен. Поради тоа, можноста да се профитира од нив била многу мала, во споредба со можноста да се измислат слични, но нови лекови кои ќе бидат заштитени со патент.
Од самиот почеток, хидроксихлорокинот беше смртна закана за доктор Фаучи и Бил Гејтс, и за нивниот 48 милијарди долари вреден проект за развој на Ковид вакцини, а особено за нивниот омилен лек ремдесивирот, во кој Гејтс имаше голем финансиски удел.
Според федералните закони, нови вакцини и лекарства може да бидат одобрени според итна постапка само ако не постојат други веќе одобрени лекови кои се ефикасни против истата болест. А за хидроксихлорокинот уште од 2004 година е познато дека може да биде ефикасен лек за коронавирусите. Белгиските научници тогаш утврдија дека тој е ефикасен против коронавируси еднакво како што е ефикасен и против маларијата (за која е измислен). Овој лек беше Светиот Грал за лекарите.

Лекари ширум светот уште на почетокот на пандемијата открија дека можат успешно да лекуваат пациенти кои се со висок ризик од Ковид-19 во нивните домови, ако во првите пет до седум дена од појавата на симптомите им дадат коктел од хидроксихлорокин, цинк и азитромицин или доксицилин, пишува Кенеди.
Но, овие добри вести за болните од Ковид, биле всушност крајно лоша вест за фармацевтската индустрија, вели секретарот Кенеди: „Можноста постоечки лек (уште пак со истечен патент) да биде поуспешен од која било вакцина во борбата против ковидот беше огромна закана за фармацевтскиот картел. Ако нешто мразат фармацевтските компании, тоа е евтин лек, а хидроксихлорокинот се продаваше за 10 долари за терапија. Споредете го ова со цената од 3,000 долари за саканиот ремдесивир на доктор Фаучи. Па така, среде пандемијата, некој многу моќен фактор сакаше лек кој со децении е во слободна продажба, и за кој е познато дека е ефикасен против коронавирусите, одеднаш но тивко да биде повлечен од продажба – од Канада до Замбија“, вели Кенеди.
Во својата книга, секретарот Кенеди опишува навидум нелогични одлуки на здравствените власти во САД и во држави низ целиот свет, кои почнале да го повлекуваат хидроксихлорокинот од продажба. За таа цел, се појавиле голем број истражувања кои укажувале на штетноста на хидроксихлорокинот, за кои Кенеди тврди дека содржеле фатални пропусти во методологијата.
Доктор Фаучи, Бил Гејтс и Светската Здравствена Организација финансираа група истражувачи-платеници за да изработат серија од речиси дваесет студии – и во сите користеа лажни протоколи намерно дизајнирани да го дискредитираат хидроксихлорокинот како небезбеден. Наместо да ја користат стандардната доза за третман од 400 милиграми на ден, во 17-те студии на СЗО се даваше гранично смртоносна дневна доза почнувајќи со 2.400 милиграми на првиот ден, а потоа по 800 милиграми дневно.

Во нивната цинична, злокобна и буквално убиствена крстоносна војна против хидроксихлорокинот, тим оперативци на Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс одиграа клучна улога во осмислувањето и спроведувањето на ова исклучително високо дозирање. Тие се погрижија во испитувањата на британските власти над 1.000 постари пациенти во над десетина британски, велшки, ирски и шкотски болници, како и во студијата „Солидарност“ на Обединетите Нации врз 3.500 пациенти во 400 болници во 35 земји, да се користат овие невидени и опасно високи дози. Ова беше безобразен обид да се „докаже“ дека хидроксихлорокинот е опасен и, секако, со нив се докажа дека постарите пациенти можат да умрат од смртоносни предозирања со лекот.
„Целта, многу јасно, беше да се отрујат пациентите и за смртните случаи да се обвини хидроксихлорокинот“, Кенеди го цитира доктор Мерил Нас, медицински историчар и експерт за био-војување. Паралелно со овие студии, едно од водечките светски медицински списанија Лансет објави статија во која тврди дека хидроксихлорокинот не е ефикасен против Ковид-19.
Кенеди посочува дека статијата била толку дефектна што списанието морало да ја повлече, но сепак, таа била искористена за создавање скепса во јавноста против лекот, по што следеле и официјални забрани за негова употреба.
Во март 2020 година, американските власти забраниле употреба на хидроксихлорокинот надвор од болнички услови. Во јуни, Агенцијата за храна и лекови забранила употреба на хидроксихлорокинот за лечење на Ковид-19, велејќи дека тој може да предизвика срцеви проблеми. Десетици милиони дози од лекот биле префрлени во стратегиските резерви на САД, со што биле повлечени од слободна продажба.
И додека САД и другите развиени западни земји ја забранувале употребата на хидроксихлорокинот, Кенеди вели дека помалку развиени држави како Етиопија, Мозамбик, Нигер и Конго, во кои овие лекарства се користеле одамна како лекови за маларија и други заразни болести, и продолжиле да се користат против Ковид-19, бележеле значително пониски стапки на смртност.
„Бангладеш, Централно-Африканската Република, Сенагал, Пакистан, Србија, Нигерија, Турција и Украина дозволија неограничена употреба на хидроксихлорокинот и имаа неспоредливо помалку смртни случаи од земјите кои го забранија.
Богатите демократски држави и државите со строги протоколи за употреба на хидроксихлорокинот – Ирска, Канада, Шпанија, Холандија, Британија, Белгија и Франција – сите имаа посмртноносни услови за лекување“, пишува во книгата „Вистинскиот Ентони Фаучи“.

Слични резултати се постигнале и со ивермектинот, лек развиен во 1980 ите години кој е ефикасен против вирусите кои пренесуваат повеќе тропски болести како речно слепило, шуга и повеќе паразитски болести.
„Истражувачите од јапонскиот институт Китасато во 2011 година објавија студија во која ивермектинот го опишуваат како ретко кој друг лек: ‘Покрај пеницилинот и аспиринот, малку други лекови се прогласени за чудотворни и имале толку голем позитивен придонес кон човештвото.
Но, ивермектинот може да се смета како еден од овие достојни лекови, поради неговата сеопфатност, безбедноста, и позитивниот ефект кој го пружа, и тој докажано им помогнал на стотици милиони луѓе во најсиромашните земји’. Три статуи – во центарот Картер, во седиштето на Светската Банка и во седиштето на Светската Здравствена Организација, се подигнати во чест на откривачите на ивермектинот“, пишува Кенеди.
А сепак, властите тргнаа агресивно да ја блокираат неговата употреба, додава актуелниот секретар за здравство на САД.
„На 24 декември, во потег кој по се изгледа беше пробен балон, јужноафриканската влада тивко го забрани увозот на ивермектин. Јутјуб наскоро го избриша видеото на доктор Пјер Кори, а Фејсбук го блокираше. Потоа, во март 2021 година, американската Агенција за храна и лекови, Европската асоцијација за лекови и Светската здравствена организација издадоа соопштенија во кои советуваа да не се користи ивермектин за лекување од Ковид-19. ЕАЛ рече дека лекот воопшто не треба да се користи.
СЗО, повторувајќи ја својата стратегија за ограничување на употребата на хидроксихлорокинот, рече дека употребата на ивермектинот треба да биде ограничена на клинички испитувања (високите трошоци за водење клиничко испитување и нивното потпирање на работата на американските институции НИХ, НИАИД и средства од Гејтс фондацијата или од фармацевтските компании значеа дека резултатите на овие студии може лесно да се контролираат). ФДА издаде многу построга директива: „Не треба да користите ивермектин за лекување или спречување на Ковид-19“, пишува Кенеди.
Кенеди, кој во својата кариера работел како правен застапник на еколошки каузи, се повикува на работата на епидемиолози како Харви Риш и лекари како Питер Меккалог, кој, како кардиолог, го поддржуваше користењето на лекарствата како ивермектин и хидроксихлорокин, тврдејќи дека другите поскапи лекови се штетни за срцето.
Кенеди цитира и пулмолози како Пјер Кори, според кого, „ефикасноста на некои од овие лекови беше безмалку чудесна. Нивната употреба во првата недела по изложеноста на вирусот го запираше размножувањето на вирусот и спречуваше да се создаде цитокинската бура и да се влезе во белодробната фаза на болеста“. Видео на доктор Кори, во кое тој пред американскиот Конгрес во декември 2020 година сведочеше за ефикасноста на ивермектинот било систематски бришено од мрежите како Јутјуб и Фејсбук.

Последиците од одлуката да не се користат ивермектинот и хидроксихлорокинот за лекување на заболените од Ковид-19, според Кенеди, се катастрофални – секретарот за здравство на САД цитира медицински експерти кои велат дека светот пак ќе се соочел со епидемија, но со помош на овие два лека таа немала да предизвика глобални потреси, прекин на економската активност, масовни карантини и милиони жртви.
Риш, Меккалог и Кори се меѓу големиот број експерти (заедно со Нобеловецот Лук Монтањер) кои велеа дека со лекување на пациентите во нивните домови во раните фази на болеста, можевме да ги избегнеме катастрофалните карантини и да најдеме медицински процедури за заштита на ранливите категории додека го поттикнуваме ширењето на болеста меѓу категориите граѓани кои беа под екстремно низок ризик, и со тоа да постигнеме траен имунитет „на стадото“.
Тие посочуваа дека природниот имунитет е во безмалку секој случај подобар од имунитетот стекнат со вакцинирање, пишува секретарот Кенеди, посочувајќи дека, сепак, здравствените напори биле насочени кон барање нови лекови, а потоа и вакцини.
Цветин Чилиманов, Денешен
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата