Тажната вест ја објави неговиот брат, д-р Шефкет Зеколи, преку јавно соопштение на социјалните мрежи, информирајќи ги членовите на семејството, пријателите и најблиските за загубата на нивниот близок.
„Со длабока болка и голема тага, ве известуваме дека денес, на 8 јуни 2026 година, во раните утрински часови, неочекувано почина нашиот брат, Арсим Сулејман Зеколи (1966-2026)“, се вели во објавата.
Според семејството, погребната церемонија ќе се одржи денес во 18:00 часот на гробиштата во селото Блаце.
Арсим Зеколи беше амбасадор на Македонија во организацијата ОБСЕ во Виена, додека е познат како аналитичар на политички прашања и во Македонија и пошироко.
Од него се прости и поранешниот министер за надворешни работи Антонио Милошоски.
„Вечен му спомен на амбасадорот Арсим Зеколи. Сочувство за неговите најблиски.
Амбасадорот Зеколи беше пред се поткован интелектуалец, добар човек и одличен дипломат. Имавме многу продуктивна соработка како министер и амбасадор при ОБСЕ во мандатот 2006-2009 година. Заради неговиот сериозен капацитет, како и лобирањето од страна на МНР, се успеа тој да биде и Шеф на мисијата на ОБСЕ во Туркменистан, што беше прв наш пробив од ваков вид во внатрешните раководни позиции во ОБСЕ. Амбасадорот Зеколи беше првиот наш дипломат кој бил Шеф на Мисија на ОБСЕ во трета држава.
Во 2011/12 година, заради исклучителните квалитети, во владините консултации за амбасадорски позиции, ВМРО-ДПМНЕ предложи г-нот Зеколи да биде и првиот амбасадор на Македонија во Осло, Норвешка. Сепак, за тогашното раководство на ДУИ предлогот не беше прифатлив, со што за жал се пропушти една одлична прилика овој врвен дипломат да продолжи да го дава својот придонес во областа што одлично ја владееше. Краткото објаснување беше дека си дозволувал да критикува повеќе отколку што треба.
Сепак, амбасадорот Зеколи продолжи, преку колумни, анализи и интервјуа, да биде присутен во јавноста. Неговите пишани текстови, полни со критика, анегдоти и аргументи, беа четива од кои секогаш можеше многу да се научи. Со таквиот негов стил и ангажман Амбасадорот Зеколи остави неизбришливо дипломатско и општествено наследство. Слава му“, пишува екс министерот за надворешни работи и актуелен потпретседател на Собранието Антонио Милошоски.
Од него се опрости и потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи.
„Со тага ја примив веста за смртта на амбасадорот Арсим Зеколи.
Арсим беше исклучително образован и начитан човек, со свое мислење кое не се двоумеше да го каже, без разлика дали тоа некому му се допаѓаше или не.
Често јавно ме критикуваше, но тоа не нè спречуваше да се среќаваме и со часови да разговараме за меѓународната политика, регионот и геополитиката.
Кога бев претседавач со ОБСЕ, често го поканував во мојот кабинет. Како поранешен амбасадор во Мисијата на ОБСЕ во Виена и дипломат кој беше силно посветен на самата организација, секогаш носеше интересна и уникатна перспектива.
Никогаш не разговаравме за тоа што го напишал за мене претходниот ден, ниту за нешто што можеби не ми се допаднало.
Еден детал особено ми остана во сеќавање. Колку и пати да му понудев кафе кога ќе дојдеше во Министерството, тој одбиваше. Велеше дека не сака да добие ништо од луѓето на власт, за никому да не му остане должен, па дури ни за едно кафе.
Таков беше Арсим.
Сочувство до семејството и најблиските“, напиша Османи на социјалните мрежи.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата