Говорејќи за правосудството во емисијата „Под лупа“ на ТВ „Алфа“, претседателот на Владата Христијан Мицкоски истакна дека таму, покрај огромното мнозинство чесни луѓе, постои и измеќарско малцинство, кое им слугува на СДС и ДУИ.
„Огромно мнозинство се чесни луѓе таму. Тие си ја гледаат својата професија и се заштитници на владеењето на правото, на законите итн. Но, има мала група, којашто го контаминира ова огромно мнозинство. Значи, имаме измеќарско малцинство, кое добило шанса поради претходниве и сега им возвраќа“, нагласи Мицкоски.
Тој додаде дека проблемот лежи во во генералниот реизбор во Собранието, што се случи во 90-тите години додека ВМРО-ДПМНЕ беше вонпарламентарна опозиција, во Специјалното јавно обвинителство и измените на КЗ, кои претходната влада ги донесе за да се амнестира себеси.
„Првиот проблем е уште во 90-тите години од минатиот век, кога ВМРО-ДПМНЕ беше вонпарламентарна опозиција и кога се направи оној генерален избор во Собранието. Тоа е првиот и суштински проблем и оттогаш почнува практично чекор по чекор да се урива правдата и довербата во судството во Македонија. Вториот проблем е создаден кога политички се основа Специјалното јавно обвинителство. За ова имаме и ние како партија своја одговорност. Но во тој момент немаше друга можност, за да се натераат да одат на избори. Тие избори 2–3 пати ги одлагаа, потоа повторно изгубија, но поради оној инженеринг им се даде можност да бидат Влада како што им се даде. Сè уште не можеме да дознаеме како се пренесоа овластувањата кај овие луѓе од затвореникот Јанева во тоа време. Третиот, конечен удар врз правосудството се случи кога со европско знаме претходната Влада донесе измени Кривичниот законик. Тогаш практично ги избриша сите оние одредби на законот. Со тоа се овозможи политичка амнестија на една група луѓе, најмногу за себе. Тие имаа тогаш друга замисла на тој начин — имаше еден политички процес во Собранието, тие мислеа дека ако обезбедат политичка амнестија на одредени поранешни политичари, дека тие повторно по принципот на Преспанскиот договор ќе им обезбедуваат пратеници. Тоа беше во позадината на целиот тој процес и, нормално, себеамнестија под превезот на европското знаме. Тоа е конечниот удар којшто е зададен врз правосудството и врз довербата во самото правосудство“, нагласи Мицкоски.
Тој додаде дека оваа Влада, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, работи на нов КЗ и ЗКП со цел граѓаните повторно да почнат да ја враќаат довербата во правосудните органи.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата