Вистинска драма се случувала изминативе денови во Словенија, каде што за само два дена на локацијата Блејска коча се регистрирани дури три случаи на каснувања од змии отровнички.
Првиот инцидент се случил во неделата кога 75-годишен планинар бил каснат за прстот. Како што објасни началникот на планинската спасувачка служба (ГРС) Радовљица, Тони Смолеј, возрасниот маж во шумскиот предел сакал да се фати за гранка, но наместо тоа допрел змија која веднаш го нападнала. Спасувачите го згрижиле на лице место, по што со хеликоптер бил префрлен во Клиничкиот центар во Љубљана, пренесува 24ur.
Веќе следниот ден пристигнал нов алармантен повик до спасувачите.
„Добивме известување дека млад странски планинар дотрчал до домот и кажал дека го каснала змија, а истото му се случило и на неговиот колега. По тој повик ни изгледаше чудно како уопште успеал сè уште да оди“, се присеќа Смолеј.
Според информациите, додека одморале во тревата, двајцата 21-годишни странски планинари биле каснати од змии, едниот во подлактицата, а другиот во прстот. Наместо веднаш да застанат, тие го продолжиле патот пешки и побарале помош дури по 45 минути. Поради тоа, спасувачките екипи повторно морале да реагираат со хеликоптер за итно да ги транспортираат во Љубљана.
Рекорден број напади во последните 10 години
Од планинската спасувачка служба предупредуваат дека годинава има значително повеќе каснувања од вообичаено.
„Толку многу каснувања колку што имавме годинава сме немале во последните десет години. Со оглед на временските услови, активноста на влекачите е во пораст“, истакнува Смолеј.
Експертот Гриша Планинц нагласува дека по евентуално каснување, најважно е да се повика брза помош и веднаш да се мирува, бидејќи движењето го забрзува ширењето на отровот низ организмот.
Тој исто така потсетува дека змиите никогаш не напаѓаат без причина.
„Змиите не треба да се вознемируваат. Тие се бранат само ако со рака посегнете кон нивната глава. Ако сте оддалечени неколку десетици сантиметри, животното нема да се почувствува загрозено. Каснуваат исклучително кога се директно загрозени“, објаснува Планинц.
Спасувачите им препорачуваат на сите планинари да бидат погласни додека се движат низ природата и да користат планинарски стапчиња, бидејќи тропањето и вибрациите ги бркаат влекачите пред воопшто да дојде до близок контакт.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата