Жителите на Алберта денес ќе одлучат дали да го започнат процесот за распишување обврзувачки референдум за отцепување од Канада.
Премиерот Марк Карни предупредува дека победата на сепаратистичката опција би предизвикала опасна неизвесност во време кога трае трговската војна со Соединетите Држави, пишува „Еуроњуз“ (Euronews).
Анкетите покажуваат дека независноста ја поддржуваат помалку од една четвртина од жителите на оваа западна канадска провинција. И покрај тоа, во пресрет на гласањето, целото внимание е насочено кон излезноста и прашањето дали еден мотивиран сепаратистички табор, во услови на пасивност на федералистите, може да постигне неочекуван резултат.
„Не дозволувајте некој да ви каже дека исходот е веќе одлучен. Излезноста ќе го одреди резултатот“, изјави Карни на еден собир во четвртокот. Карни, кој израснал во Алберта, го нарече референдумот „опасен блеф“ во време кога американскиот претседател Доналд Трамп воведува казнени царини и се заканува со анексија, со цел да ја скрши канадската решителност. „Гласајте како од тоа да зависи опстанокот на Канада – бидејќи навистина зависи“, рече Карни.
Алберта ги поседува четвртите по големина докажани резерви на нафта во светот, а сепаратистичкото движење е поттикнато од незадоволството од начинот на кој федералната влада управува со овој сектор.
Многу жители на Алберта остро му се спротивставија на претходникот на Карни, Џастин Трудо, обвинувајќи го дека преку своите климатски политики се обидува да го задуши производството на нафта.
„Ако сакате да посочам кој е одговорен за сепаратистичкото расположение, сметам дека тоа е Џастин Трудо“, изјави овој месец премиерката на Алберта, Даниел Смит, во подкастот „Канадаленд“ (Canadaland).
На еден сепаратистички собир во Едмонтон, одржан во саботата, 61-годишната Сенди Мартел изјави за новинската агенција АФП дека луѓето поврзани со нафтената индустрија се чувствуваат „ограбени, измамени и лошо третирани“.
„Време е да се исправиме и да кажеме: доста е“, додаде таа. Гласањето доаѓа само неколку дена откако во пожар во една воена база во оваа провинција загинаа најмалку четворица војници, а десетици беа повредени, што предизвика изливи на сочувство низ целата земја.
Конзервативната премиерка на Алберта вели дека сака покраината да остане во Канада, но распиша референдум за конечно да се реши ова спорно прашање. Доколку мнозинството гласа за отцепување, таа вети дека ќе иницира процес што ќе води кон обврзувачки референдум. Ако победат федералистите, Смит смета дека прашањето за отцепување треба да се смета за затворено.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата