Жупаниското државно обвинителство во Дубровник покрена истрага против двајца хрватски државјани поради сомневање дека извршиле кривично дело трговија со луѓе.
Се сомнева дека двете малолетни девојчиња, кои ги посвоиле, ги држеле во ропска положба. Ги терале да работат, физички ги казнувале и ги држеле во гаража. Случајот е откриен откако едно од девојчињата успеало да побегне од куќата, пишува Слободна Далмација.
Семејното насилство на југот од Далмација доби многу посериозен продолжеток. Она што на почетокот изгледаше како проблем во однесувањето на малолетно девојче, со тек на време прерасна во постапување на социјалните служби, полициска истрага, притвор, а потоа и во формална истрага поради сомневање за трговија со луѓе.
Случајот кој претходно се поврзуваше со кривично дело трговија со луѓе, сега доби и официјална процесна потврда од Државното обвинителство. На посебно барање, од ДОРХ потврдија дека постапката против двајцата хрватски државјани и формално влегла во истражна фаза, како и која е точната правна квалификација на делото.
Како што наведуваат, истрагата е покрената за две кривични дела трговија со луѓе.
„Жупаниското државно обвинителство во Дубровник донесе решение за спроведување истрага против двајца хрватски државјани поради две кривични дела трговија со луѓе од член 106, став 3, во врска со ставовите 1 и 2 од Кривичниот законик“, се наведува во одговорот што го потпишува Марис Стјеповиќ Симони, заменик на жупанискиот државен обвинител во Дубровник.
Како што претходно пишуваше Слободна Далмација, мало место на југот од Далмација го потресе случај на семејно насилство во кој, според наводите од судскиот спис, две малолетни посвоени девојчиња биле изложени на тешко занемарување и непримерено постапување од страна на посвоителите, кои кон нив се однесувале како кон ропска работна сила.
Случајот почна да излегува на видело откако едно од девојчињата побегнало од семејната куќа. Она што во почетокот беше претставено како проблематично однесување на детето, ги отвори прашањата за многу посериозни околности во семејството.
Случајот на семејното насилство и занемарувањето излезе на виделина кога таткото со малолетната посвоена ќерка дошол во подрачната канцеларија на Хрватскиот завод за социјална работа. Како причина за доаѓањето ја навел потребата од помош поради, како што опишал, проблеми во однесувањето на неговата ќерка. За време на разговорот со стручните служби било утврдено дека девојчето претходно побегнало од дома, по што таткото го пронашол и го вратил.
Истиот ден бил направен разговор со девојчето за нејзиното однесување и за однесувањето на нејзината помлада сестра. Во првичната проценка на стручните служби биле забележани наводи за кражба на пари од родителите, лажење и повремена употреба на психоактивни супстанции. Меѓутоа, понатамошните разговори и проценката на семејните околности тргнале во потполно друг правец.
Според наводите од списот, девојчето на стручните служби им изнесло сериозни тврдења за животот во семејството. Навело дека родителите ги посвоиле двете за да имаат дополнителна работна сила.
Пред заминување во училиште, девојчињата морале да работат на фармата, додека по наставата не им било дозволено да учествуваат во вонучилишни активности. Покрај училишните обврски, според наводите од списот, тие морале да помагаат во одржувањето на куќата и земјоделските работи, но и да ги чуваат помладите сестри и братот.
Семејството, освен двете посвоени девојчиња, има и биолошки деца.
Ги држеле во гаража
Се наведува дека посвоителите ги казнувале девојчињата и физички, меѓу другото и со шишање на косата.
Најпотресниот дел од случајот се однесува на крајот на мај и почетокот на јуни оваа година. Тогаш, според утврдените факти од постапката, девојчињата непрекинато биле држени заклучени во гаражата која се наоѓа непосредно до семејната куќа.
Родителите им носеле по два топли оброка дневно. Девојчињата спиеле на столови, а физиолошките потреби ги вршеле во дворот, по што морале повторно да се вратат во гаражата.
Стручните служби од системот за социјална заштита процениле дека нивото на загрозеност е високо и заклучиле дека останувањето на децата во семејството, во такви околности, би можело сериозно да го загрози нивниот психофизички развој.
Хрватскиот завод за социјална работа поради тоа донесе одлука за итно издвојување на децата од семејството и нивно сместување во соодветна установа за социјална заштита. На родителите привремено им е забранет контактот со посвоените ќерки.
Во образложението на одлуката, според наводите од списот, посебно е земено предвид основаното сомневање за непримерено однесување на родителите и постапки со кои сериозно е загрозено здравјето на децата и кои би можеле да остават трајни психички последици.
Случајот така, од првична пријава поради наводни проблеми во однесувањето на едното девојче, прерасна во постапка во која стручните служби утврдија сериозна загрозеност на двете малолетнички.
Девојчето кое во почетокот беше претставено како дете со проблеми во однесувањето, според наводите од списот, со своето бегство од дома стана една од клучните личности преку чии искази почнаа да се откриваат околностите од семејниот живот.
Според опишаните околности, постапувањето на родителите-посвоители, кои се наоѓаат во истражен притвор, има обележја на кривично дело трговија со луѓе, како и на кривично дело против човечноста и човечкото достоинство ‒ ропство. За вакви дела можна е казна долготраен затвор до 15 години.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата