logo
logo
logo

КРЕМИ, СУПЛЕМЕНТИ ИЛИ МЕДИЦИНА: Што навистина помага кога колагенот нагло опаѓа?

Vecer | 11.08.2026

КРЕМИ, СУПЛЕМЕНТИ ИЛИ МЕДИЦИНА: Што навистина помага кога колагенот нагло опаѓа?

Во првите пет години по влегувањето во менопауза, кожата кај жените може да изгуби дури до драматични 30 проценти од вкупниот колаген, со што започнува нагол процес на стареење познат како „колагенска карпа“.

Колагенот во последниве години стана неизбежен реквизит во козметичката индустрија, во рекламите за подмладување и меѓу трендовите на социјалните мрежи. Сепак, далеку надвор од маркетиншките слогани, овој протеин претставува основен градежен столб на човечкиот организам кој им дава цврстина и еластичност на ткивата, од коските па сè до самиот површински слој на кожата.

Губењето на колагенот е природен процес на стареење на кожата кој кај сите возрасни луѓе започнува исклучително рано ‒ стручњаците проценуваат дека опаѓа со стапка од околу 1 до 1,5 проценти годишно уште од раната возрасна доба.

Сепак, кај жените во перименопауза и менопауза овој процес доживува нагол скок.

Што е „колагенска карпа“ и кога започнува

‒ На социјалните мрежи тој нагол пад на дебелината и еластичноста на кожата денес популарно се нарекува „колагенска карпа“. Сепак, таа појава не е никаков нов модерен феномен ‒ истражувачите уште од 1940-тите години детално ги документираат изразените ефекти на менопаузата врз структурата на кожата ‒ објаснува Адам Тејлор, професор по анатомија на Универзитетот во Ланкастер.

Според зборовите на професорот Тејлор, по почетниот пад од дури 30 проценти во првите пет години од менопаузата, загубата продолжува со рамномерно темпо од околу 2 проценти секоја следна година.

Биолошка врска: Како падот на естрогенот ја руши структурата на кожата Клучната причина зошто менопаузата дејствува толку разурнувачки врз структурата на кожата лежи во блиската поврзаност меѓу хормоналниот систем и клетките на кожата. Естрогенот игра пресудна улога во регулацијата на синтезата на колаген, првенствено така што директно влијае врз фибробластите ‒ клетки во организмот задолжени за создавање структурни протеини.

Професорот Тејлор истакнува дека со намалувањето на нивото на естроген за време на перименопаузата и менопаузата, оваа биолошка сигнализација нагло слабее. Се намалува активноста на фибробластите, па резултатот е неизбежен:

  • помало производство на колаген,
  • драстично потанка кожа,
  • намалена еластичност,
  • губење на способноста за задржување вода.

‒ Естрогенот не само што го стимулира создавањето нов колаген, туку влијае и врз дебелината на кожата, нејзината еластичност и брзината на заздравување на раните. Кога тој хормонален поттик ќе изостане, структурата на кожата ја губи својата основна потпора ‒ додава проф. Тејлор.

Три фактори кои дополнително го забрзуваат падот од „колагенската карпа“ Иако губењето на колагенот не може целосно да се запре, професорот Тејлор предупредува дека одредени животни навики и надворешни влијанија можат драстично да го забрзаат овој пад.

  1. Ултравиолетовото (УВ) зрачење

УВ зрачењето, било да потекнува од сончевата светлина или од солариум, го поттикнува создавањето специфични ензими (матрикс металопротеинази) кои дејстуваат како внатрешна „екипа за рушење“. Тие активно го разградуваат постојниот колаген и истовремено ги забавуваат фибробластите во создавањето нови влакна.

‒ Луѓето со потемна кожа обично имаат помалку брчки, делумно затоа што повисоките нивоа на меланин обезбедуваат извесна заштита од ултравиолетови оштетувања. Но, потемната кожа не е имуна на фотостареење, односно стареење на кожата предизвикано од изложување на сонце ‒ напоменува проф. Тејлор.

  1. Пушење

Никотинот и хемикалиите од тутунскиот чад директно ја блокираат синтезата. Истражувањата покажуваат дека пушењето го намалува производството на колаген од типот I и типот III во кожата за 18, односно 22 проценти, што доведува до предвремено создавање длабоки брчки.

  1. Недостаток на витамин Ц

Витаминот Ц е неопходен кофактор во процесот на создавање колагенски влакна. Додека за мнозинството возрасни се доволни околу 100 милиграми дневно, на пушачите им се потребни поголеми дози.

‒ Сепак, земањето високи дози во облик на суплементи (над 2.000 mg) не носи дополнителна корист за кожата, а може да предизвика сериозни стомачни тегоби ‒ предупредува проф. Тејлор.

Зошто кремите и суплементите најчесто не делуваат

Пазарот е преплавен со производи кои ветуваат обновување на младоликоста, било преку креми или суплементи на колаген, но професорот Адам Тејлор нагласува дека научните докази зад повеќето од нив стојат „на стаклени нозе“.

  • Колагенски креми: Кремите со колаген можат да обезбедат површинска хидратација на горниот слој на кожата, но се немоќни кога е во прашање длабинската обнова.

‒ Локалните колагенски креми веројатно нема да го надокнадат колагенот изгубен од кожата, бидејќи молекулите на недопрениот колаген се едноставно преголеми за да продрат низ природната заштитна бариера на кожата ‒ наведува во текстот за списанието „The Conversation“ проф. Тејлор.

  • Орални суплементи: Внесот на течен колаген или капсули е исто толку прашален. Телото го разложува секој внесен колаген преку дигестивниот тракт на основни аминокиселини.

‒ На истиот начин на кој колагенот не може да се апсорбира преку кожата, организмот мора да го свари за од него да извлече аминокиселини. Меѓутоа, не постои гаранција ниту биолошки механизам кој тие аминокиселини ќе ги насочи баш во кожата на лицето, а не во коските, зглобовите или другите органи на кои им се потребни ‒ објаснува проф. Тејлор.

Дури и кај хидролизираниот колаген, кој полесно се вари и апсорбира, научните студии даваат измешани резултати, често оптоварени со мал број испитаници и конфликт на интереси кај спонзорите на истражувањето.

Што вели науката: Терапии кои даваат мерливи резултати

За разлика од козметичките заблуди, медицината и дерматологијата нудат методи со значително појасна научна основа:

  • Хормонска супституциона терапија (ХСТ): Надоместокот на естроген под медицински надзор дава најконзистентни резултати. Студиите покажуваат дека жените кои користат ХСТ имаат и до 48 проценти поголема содржина на колаген во кожата во споредба со оние кои не примаат терапија, со забележливо подобрување на дебелината и еластичноста на кожата. Сепак, проф. Тејлор напоменува дека општата корист и ризиците од ХСТ секогаш се проценуваат индивидуално.
  • Ласерски третмани: Ласерскиот ресурфејсинг делува така што контролирано ги отстранува оштетените структури и ги поттикнува природните механизми за регенерација на кожата на создавање нов колаген.
  • Микронидлинг: Методот на создавање микро-убоди исто така ја стимулира регенерацијата, но проф. Тејлор предупредува дека оваа процедура носи ризик од компликации како модринки, инфекции, хиперпигментација или создавање лузни доколку не се изведува стручно.

Науката е, секако, покорисна од рекламите

Соочувањето со „колагенската карпа“ во менопаузата бара реалистичен пристап насочен кон превенција и докажани медицински решенија.

‒ До почетокот на менопаузата, колагенот обично веќе со години опаѓа. Менопаузата може да го забрза тоа губење, но целокупната слика е значително посложена од едноставните слогани од социјалните мрежи ‒ напоменува проф. Тејлор.

Заштитата од УВ зрачење, откажувањето од пушењето, правилната исхрана и консултацијата со лекар околу евентуалната хормонска терапија даваат значително постабилни резултати од скапите препарати.

‒ Иако колагенските суплементи остануваат популарни, науката што стои зад нив сè уште се развива. Кога е во прашање здравјето и изгледот на кожата, науката е покорисна од рекламите ‒ заклучува професорот Адам Тејлор.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk