logo
logo
logo

Не е сеедно: КОГА ЌЕ ТРГНЕШ ДА КУПУВАШ СТАН НА КРЕДИТ - ОВА МОРА ДА ГО ЗНАЕШ

Vecer | 13.09.2026

Не е сеедно: КОГА ЌЕ ТРГНЕШ ДА КУПУВАШ СТАН НА КРЕДИТ - ОВА МОРА ДА ГО ЗНАЕШ

Купувањето стан, вообичаено, е на кредит и се случува во најголем број примери два пати во животот. Парите се големи, обврските се долготрајни а новиот стан е исклучително важен избор. Пред да тргнеш, види што е најважно и на кои прашања треба да имаш чист, јасен одговор.

Во еден момент пребарувањето огласи и разгледувањето населби станува многу поконкретно: цена, учество, камата, рата и договор што ќе биде со тебе уште многу години.

Токму тука вреди малку да забавиш.

Не за да ја направиш одлуката потешка, туку за да бидеш сигурен дека ги разбираш условите и дека кредитот се вклопува во твоите планови. Станбениот кредит е голема финансиска обврска, но кога знаеш што да прашаш и што да провериш, целата слика станува многу појасна.

Колкава рата одговара на твојот буџет?

Најчесто прво ќе дознаеш колкав кредит банката е подготвена да ти одобри. Кога аплицираш за станбен кредит, банката ја проценува твојата кредитоспособност и утврдува колкав кредит може да ти одобри врз основа на твоите приходи, па и трошоци. Но одобрениот износ повторно не мора да значи дека е и износот што е најудобен за долгорочно планирање.

Банката ќе ти даде целосна пресметка за сите месечни рати во сите години на отплата на кредитот. Затоа погледни ја уште еднаш ратата во контекст на целиот месец. Откако ќе ја платиш, колку ти останува за редовни трошоци, заштеда и сè она што не можеш однапред да го испланираш?

Направи ја истата пресметка и со малку пониски приходи или повисоки трошоци. Ако буџетот и тогаш функционира, имаш многу пореална слика.

Не гледај само колкава е каматата денес

Каматата од рекламата е добар почеток, но не е целата приказна за кредит што можеби ќе го отплаќаш 20 или 30 години.

Провери дали е фиксна за целиот период, само за одреден број години или е променлива. Ако подоцна станува променлива, прашај според која формула се пресметува, колку често може да се менува и што би значело тоа за твојата рата.

Побарај и конкретна пресметка: колкава би била ратата ако каматната стапка порасне до одредено ниво? Така полесно ќе разбереш како различните сценарија би влијаеле на твојот буџет.

Две слични камати не значат и два еднакво скапи кредити

Кога споредуваш понуди, лесно е да ги ставиш каматните стапки една до друга и тука да заврши споредбата. Но, за целосна слика важно е да ги разгледаш и останатите трошоци поврзани со кредитот. Информирај се за стапката на вкупни трошоци и за дополнителните трошоци за обработка на кредитот, процена на недвижноста, водење сметка, нотарски и други услуги.

Најпрактичното прашање што можеш да го поставиш е: „Колку вкупно ќе ме чини кредитот и кои трошоци треба дополнително да ги предвидам?“

Што ако во иднина сакаш да го отплатиш порано?

Дваесет години се долг период. Можеби во меѓувреме ќе се сменат твоите приходи, планови или финансиски можности. Можеби ќе имаш средства за поголема уплата или ќе сакаш да разгледаш друга понуда.

Затоа прашај дали има надомест за предвремена отплата, како се пресметува и што се случува со преостанатиот план ако уплатиш поголем износ.

Истото важи и за рефинансирањето. Ако во иднина размислуваш за друга кредитна понуда, важно е да знаеш колкави ќе бидат дополнителните трошоци.

Дали кредитот оди со осигурување како дополнителна заштита?

Станбен кредит со полиса за животно осигурување може да биде важен дел од финансиската заштита поврзана со кредитот, особено кога станува збор за долгорочна обврска. Различните видови осигурување имаат различен опфат и затоа е пожелно да се информираш што конкретно покрива осигурувањето поврзано со твојот кредит.

Прашај кои ризици се опфатени, кој е осигурен, кој е корисник на осигурувањето, колкава е осигурената сума и во кои ситуации се активира исплатата. Во зависност од конкретниот производ и условите на полисата, осигурувањето може да обезбеди заштита во непредвидени ситуации и да помогне финансискиот товар поврзан со кредитот да биде полесен за клиентот и за неговото семејство во моменти која е најтешко. Важно е да знаеш каква заштита добиваш и во кои ситуации таа важи. Полисата и условите за осигурување се најдобриот начин тоа да го разбереш.

А што точно значи хипотеката?

Кога земаш станбен кредит, недвижноста најчесто служи како обезбедување. Затоа важно е да знаеш и што предвидува договорот ако дојде до проблем со отплатата. Прашај што се случува ако задоцниш со рата, кои дополнителни трошоци може да следуваат и какви опции имаш ако привремено не можеш редовно да плаќаш.

Идејата не е да тргнеш од најлошото сценарио, туку да ги разбереш своите права, обврски и можности пред да ти затребаат.

Пред потписот, помини уште еднаш низ оваа листа

Добрата понуда не е само онаа со најниска рата. Добра е онаа што ја разбираш и одговара на твоите финансиски можности и долгорочни планови.

Пред да потпишеш, провери:

• Дали знаеш колкава ќе биде ратата и под кои услови може да се промени?

• Дали имаш амортизационен план и дали ти одговара?

• Дали ја знаеш стапката на вкупни трошоци и што е вклучено со неа?

• Дали си ги превидел/а и дополнителните трошоци за процена, обработка нотар и друго?

• Што се случува ако сакаш предвреме да го отплатиш или рефинансираш кредитот?

• Дали имаш осигурување како дополнителна финансиска заштита што се покрива?

• Во кои случаи се активира полисата за животно осигурување?

• Што предвидува договорот ако задоцниш со рата?

• И најважно: дали по плаќањето на ратата имаш доволно удобен финансиски простор?

Не треба да станеш експерт за банкарство пред да купиш стан. Треба само да знаеш кои прашања да ги поставиш. Прашај кога нешто не ти е јасно. Побарај пресметка. Спореди понуди. Прочитај го она што го потпишуваш. Зашто кога домот е внимателно избран, а финансиската одлука добро испланирана, патот до сопствениот простор може да биде многу посигурен и поубав.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk