Девет случаи на инфекција со хантавирус од Андите поврзани со крузерот MV Hondius се пријавени, од кои седум се потврдeни, соопшти Светската здравствена организација. Евакуирани се сите патници од бродот на кој се прошири вирусот за време на крстосувањето, а властите потврдија уште три позитивни случаи пред пловилото да замине од Тенерифе за Холандија.
Шпанската министерка за здравство Моника Гарсија објави дека еден од 14-те шпански патници во Мадрид е прелиминарно позитивен на PCR тест извршен по пристигнувањето, иако лицето останува асимптоматско, додека останатите патници во таа група се негативни. Во Соединетите Американски Држави се следат 18 лица на две локации, при што еден патник на Универзитетот во Небраска е позитивен, додека на Универзитетот Емори во Атланта едно лице веќе покажало симптоми.
Истовремено, француската министерка за здравство Стефани Рист потврди дека една Французинка е позитивна на вирусот откако развила симптоми и нејзината состојба се влошила, а во земјата се идентификувани 22 блиски контакти на кои им е наредена изолација. Во Холандија, 12 вработени во Универзитетскиот медицински центар Радбуд се ставени во шестнеделен карантин како претпазливост поради следење на неточни процедури при ракување со биолошки материјал од заразен пациент.
Досега тројца патници починаа, од кои кај двајца е потврден хантавирус, Според Светската здравствена организавија (СЗО).
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата