Фабриката со околу 1.800 вработени веќе беше пред затворање на автомобилското производство во текот на 2027 година, во момент кога Фолксваген минува низ длабоко реструктурирање под притисок на падот на продажбата, вишокот капацитети и сè посилната конкуренција од кинеските производители. Сега, наместо автомобили, погоните добиваат целосно нова намена – оружје и противвоздушна одбрана, пишува Фајненшел тајмс.
Според договорот, Фолксваген Оснабрик би требало да го преземат инвестициската група Аурелиус капитал како мнозински сопственик и германската сојузна покраина Долна Саксонија. Првиот голем проект ќе биде соработка со израелскиот Рафаел, производител на системот „Железна купола“, а планирано е производство на ПВО системи и компоненти наменети за Германија и други европски држави. Претседателката на работничкиот совет на Фолксваген, Даниела Кавало, наведе дека новиот аранжман би требало да зачува повеќе од 1.200 работни места. Автомобилското производство, сепак, заминува – Оснабрик треба постепено да стане центар за безбедносна и одбранбена технологија.

Од автомобили кон вооружување
Оснабрик не е осамен случај. Германското здружение на безбедносната и одбранбената индустрија уште во 2025 година отворено заговараше користење на капацитетите, фабриките и стручњаците кои остануваат вишок во автомобилската индустрија за потребите на вооружувањето, под слоганот „Auto2Defence“. Во документот на здружението практично е зацртан правецот: слободните ресурси на автомобилската и добавдувачката индустрија треба да се стават на располагање на военото производство. Тој процес веќе одмина далеку подалеку од плановите на хартија. Рајнметал во јуни потпиша договор за продажба на својот цивилен автомобилски оддел „Пауер системс“ на минхенската група Екита за прелиминарни 350 милиони евра. Компанијата притоа целосно отворено соопшти што е целта – напуштање на автомобилскиот бизнис и концентрација на брзорастечките работи со војската и безбедносните структури. Паралелно со тоа, француско-германскиот воен гигант КНДС бара дополнителни фабрички капацитети и веќе преговараше со Мерцедес-Бенц за преземање на погонот во Лудвигсфелде кај Берлин, каде што моментално се произведуваат комбињата „Спринтер“. Една од опциите е таму во иднина да се произведуваат оклопни возила „Боксер“. КНДС претходно ја разгледуваше токму и фабриката на Фолксваген во Оснабрик.
„Топови наместо путер“
Правецот во кој оди германската индустрија сè повеќе ја повикува историската формула „топови наместо путер“ – префрлање на стопанството од цивилно производство на воено, какво што Германија спроведе за време на забрзаното вооружување во триесеттите години од минатиот век. Денес тој пресврт се одвива низ модерна индустриска политика, милијардерски воени буџети и преземање фабрики кои автомобилскиот сектор повеќе не може да ги користи со полн капацитет. Суштината, сепак, е многу конкретна: производствените хали, работниците и технологијата од посрнатиот авто-сектор сè повеќе се насочуваат кон вооружување. Канцеларот Фридрих Мерц истовремено отворено инсистира дека безбедноста мора да има предност. Во Бундестагот порача дека ниту најдобриот систем за социјална заштита не вреди доколку не се обезбедени мирот и слободата, додека Берлин забрзано ги зголемува воените издвижувања. Германија за 2026 година намени повеќе од 108 милијарди евра за безбедност и одбрана, додека за 2027 година се планирани повеќе од 109 милијарди евра само преку редовните издвојувања, со дополнителни средства од посебните фондови. Берлин најави и дека уште во 2029 година ќе достигне 3,5 отсто од БДП за основните воени потреби, додека пошироката цел на НАТО предвидува вкупно пет отсто од БДП за одбраната и со неа поврзаната безбедносна инфраструктура. Сите ова покажува дека Оснабрик не е само приказна за спасување на една фабрика на Фолксваген. Тоа е дел од многу поширока трансформација на германското стопанство: автомобилскиот сектор се намалува, воената индустрија расте, а погоните кои со децении правеа автомобили, комбиња и делови сè почесто добиваат целосно нова намена – ракети, ПВО системи и оклопни возила.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата