Кошаркарската легенда Мајкл Џордан повторно би можел да сруши рекорд надвор од терените. Неговиот Ferrari 550 Maranello од 1997 година во септември оди на аукција, а се проценува дека би можел да достигне цена помеѓу 700.000 и 1,3 милиони долари.
Но ова не е само уште едно ферари што му припаѓало на славна личност. Станува збор за автомобил што Џордан го возел на врвот од кариерата, кој послужел како инспирација за едни од неговите најпознати патики и на кое по продажбата во 2002 година речиси четврт век му се изгуби трагата.
Култниот Ferrari 550 Maranello кошаркарската легенда го возеше за време на последните шампионски сезони во Чикаго. По речиси четврт век надвор од очите на јавноста, автомобилот сега оди на аукција.
Џордан го презеде Ferrari 550 Maranello на 29 мај 1997 година, само неколку недели пред Чикаго Булс да ја освојат петтата NBA титула. По победата над Јута Џез на 13 јуни, со која Булс го завршија финалето, Џордан излезе од Јунајтед Центарот со пура и трофеј и замина токму во овој Ферари.
Автомобилот беше тешко да се помеша со кој било друг. Офарбан е во елегантна тем црвена нијанса Rosso Barchetta, имаше хромирани Speedline бандажи, кожна внатрешност и персонализирани регистарски таблички „MJ 5“. Поради висината на Џордан од 198 сантиметри, му беше прилагодено и возачкото седиште, со продолжени шини и потенка постава за да може да седи подалеку од воланот.
Ферари што стана Air Jordan
Врската на автомобилот со наследството на Џордан не завршува на кошарката. Дизајнерот Тинкер Хетфилд го искористи токму 550 Maranello како инспирација за Air Jordan XIV.
Елементите од ферарито се пренесени на патиката, од прошиената кожа и деталите налик на отвори за воздух, до Jumpman логотипот сместен во штит што потсетува на амблемот на Ферари.
Џордан ги носеше Air Jordan XIV и во еден од најславните моменти во својата кариера, шестиот натпревар од NBA финалето во 1998 година против Јута Џез. Во нив, на 5,2 секунди пред крајот, го постигна легендарниот „Last Shot“ (Последниот изстрел), кош со кој Булс ја освоија шестата шампионска титула.
Така, автомобилот, патиките и еден од најславните моменти во историјата на NBA лигата станаа дел од иста приказна.
Сам по себе, 550 Maranello исто така зазема важно место во историјата на Ферари. Моделот означи враќање на италијанскиот производител кон спортските автомобили со V12 мотор напред по повеќе од две децении. Неговиот 5,5-литарски атмосферски V12 развива околу 485 коњски сили, а е поврзан со шестстепен рачен менувач со класична метална кулиса на Ферари.
Каде беше 24 години?
Џордан го продаде автомобилот во декември 2002 година преку застапникот Lake Forest Sportscars во Илиноис. Потоа тој речиси целосно исчезна од јавноста.
Ферарито заврши во приватна колекција во Калифорнија, а речиси 24 години немаше потврдени јавни појавувања. Меѓу колекционерите со времето стекна речиси митски статус.
Джон Темеријан, коосновач на застапништвото за колекционерски автомобили CURATED, со години се обидуваше да го пронајде. Пресудната трага се појави кога неговиот тим на стар интернет форум пронајде дел од бројот на шасијата. Врз основа на него го реконструираа целиот VIN и преку историските податоци на Ферари на крајот го пронајдоа автомобилот кај долгогодишниот сопственик во Калифорнија.
Темеријан го купи без да го види во живо, а автомобилот на 29 мај 2026 година се врати во Чикаго, точно 29 години откако првично му беше испорачан на Џордан.
Колку вреди името на Џордан?
Токму тоа аукцијата ќе се обиде да го утврди.
Просечен Ferrari 550 Maranello од 1997 година не вреди ни приближно милион долари. Forbes ја наведува проценката на Хагерти според која совршено зачуван примерок би вредел околу 298.000 долари, додека вредноста на примероците во добра или одлична состојба се движи помеѓу приближно 186.000 и 249.000 долари.
Автомобилот на Џордан има поминато 18.501 милја, односно околу 29.800 километри, па неговата потенцијална седумцифрена цена не се објаснува со километражата ниту со самата реткост на моделот. Ја објаснува неговата историја.
Џордан, според податоците на компанијата CURATED, лично поминал околу 6.400 милји во автомобилот, возејќи го на натпреварите на Булс, тренинзите и јавните настани за време на последните шампионски сезони во Чикаго.
Аукцијата ќе се одржи преку платформата Joopiter, дигитална аукциска куќа основана од американскиот музичар, продуцент и претприемач Фарел Вилијамс.
Наддавањето започнува на 15 септември и трае до 30 септември, а автомобилот претходно ќе биде јавно изложен во Њујорк. Ова ќе биде првпат овој примерок да биде јавно понуден на продажба откако ја напушти колекцијата на Џордан.
Ако ја достигне горната проценка од 1,3 милиони долари, купувачот нема толку да плати за Ferrari 550 Maranello, колку за еден многу специфичен дел од историјата на 1990-тите ‒ автомобил што ги поврзува Ферари, Air Jordan, Чикаго Булс и врвот од кариерата на еден од најголемите кошаркари на сите времиња.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата