Мирисот на домашни јагоди и мекиот воздушест бисквит се совршената комбинација за лесен и вкусен колач кој им успева на сите. Овој рецепт е идеален кога сакате брз десерт без комплицирана подготовка, а резултатот е сочен колач што се топи в уста. Брзо се приготвува, состојките се едноставни, а јагодата дава посебна свежина и арома на која тешко е да ѝ се одолее.
Овој колач можете да го послужите со кафе, лимонада или топка сладолед од ванила, а одличен избор е и за семејни собири или ненајавени гости.
Состојки:
3 јајца
1 чаша шеќер
1 кесичка ванилин шеќер
1 чаша млеко
1/2 чаша масло
2 полни чаши брашно
1 кесичка прашок за печиво
350 г јагоди
шеќер во прав за посипување
Напомена: Можете да користите чаша од 180 мл или 200 мл, важно е само сите состојки да ги мерите со истата чаша.
Приготвување:
1. Во поголем сад матете јајца, шеќер и ванилин шеќер додека смесата стане светла и пенеста.
2. Додајте млеко и масло, па продолжете да матите кратко за да се соединат состојките.
3. Потоа, додајте брашно и прашок за печиво и мешајте додека добиете мазна смеса, без грутки.
4. Обложете плех со хартија за печење, па сипете ја приготвената смеса и распоредете ја рамномерно.
5. Измијте ги јагодите, исчистете ги и пресечете ги на половини или четвртини, па наредете ги преку смесата.
6. Печете го колачот во претходно загреана рерна на 180 степени, околу 20 минути, односно додека добие златна боја.
7. Кога колачот целосно ќе се олади, посипете го со шеќер во прав и послужете.
Добар апетит!
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата