Српскиот ланец на парфимерии и козметика „Јасмин“ влегува на македонскиот пазар, откако го презеде работењето на специјализираните продавници „Космо“ (Cosmo), кои досега беа во сопственост на македонската компанија „Тинекс-МТ“.
Со оваа трансакција, „Јасмин“ го проширува своето работење надвор од Србија, а постојните продавници „Космо“ во Скопје ќе продолжат да функционираат под новиот бренд „Јасмин Парфимерија“.
Продавниците остануваат на истите локации, вработените го задржуваат работниот ангажман, а најавено е и целосно реновирање во наредните два месеци.
Според заедничкото соопштение на двете компании, „Јасмин“ го презема работењето на четири продавници во Скопје, лоцирани во трговските центри „Сити мол“, „Дајмонд“, „Ист гејт“ и „Зебра“. Продавницата во „Зебра“ и понатаму ќе биде во простор што компанијата ќе го изнајмува од „Тинекс-МТ“, која е сопственик на трговскиот центар.
Од компанијата најавуваат дека во првите два месеци по преземањето ќе следува целосно реновирање на сите продажни објекти, со нов концепт, современ амбиент и проширен асортиман на производи. Се најавува воведување и на нови светски брендови кои досега не биле достапни на македонскиот пазар.
Сопственикот на „Јасмин“, Драгослав Дражовиќ, вели дека влезот во Македонија претставува значаен чекор во регионалното проширување на компанијата.
„Со задоволство влегуваме на македонскиот пазар. Ова е природен чекор во развојот на Јасмин како регионален играч и продолжување на нашата традиција долга седум децении. Продавниците ги преземаме заедно со луѓето кои ги водеа досега – нивното искуство и посветеност се основа на секој успешен чекор што го правиме напред. Во Скопје доаѓаме со јасна цел: да им понудиме на купувачите најдобар избор на парфеми и козметика, во современ амбиент и со стручен совет, како и да го прошириме асортиманот со нови брендови“, изјави Дражовиќ.
Од „Тинекс-МТ“ посочуваат дека „Космо“, кој на македонскиот пазар постои од 2009 година, во изминатите години се развил во еден од препознатливите специјализирани ланци за козметика и парфеми.
Управителката на „Космо“, Кристина Тодоровиќ Николиќ, смета дека преземањето ќе донесе дополнително збогатување на понудата.
„Cosmo ја изгради својата репутација како прва специјализирана дрогерија во Македонија и како препознатливо место за купување козметика и парфеми. Задоволство е што брендот и продавниците продолжуваат со работа на истите локации и со истиот тим, сега како дел од Јасмин, ланец со седумдецениско искуство во овој сегмент. Верувам дека заедно со новите брендови и со поширокиот асортиман што доаѓа со Јасмин, купувачите во Скопје ќе добијат уште подобра понуда“, изјави Тодоровиќ Николиќ.
Компанијата потврдува дека вработените во преземените продавници кои изразиле желба да го продолжат работниот ангажман ќе останат дел од новиот тим. Истовремено, најавено е и понатамошно ширење на бизнисот на македонскиот пазар.
„Јасмин“ е основан во Белград во 1956 година и има седумдецениска традиција во продажбата на парфеми, козметика и производи за нега. Компанијата располага со 27 парфимерии низ Србија и околу 200 вработени, а во својата понуда има светски брендови како „Шанел“, „Диор“, „Ланком“, „Герлен“, „Ив Сен Лоран“, „Армани“ и „Ермес“.
Од друга страна, „Космо“ започна со работа во Македонија во 2009 година, како дел од групацијата „Тинекс“, а низ годините разви асортиман од над 15.000 производи, вклучувајќи парфеми, декоративна козметика и производи за нега.
Како инвестициски советник во трансакцијата настапила скопската компанија „Ахиос“, специјализирана за продажба, купување и преземање бизниси.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата