Нафтата повторно нагло поскапе откако новата ескалација на конфликтот на Блискиот исток ги вознемири светските пазари. По три дена пад, цената на „брент“ се зголеми за 3,8 отсто, а американската нафта ВТИ за 3,4 %, бидејќи инвеститорите стравуваат од можни нарушувања во снабдувањето со суровата нафта.
Новиот скок следува откако повторно се зголемија тензиите меѓу САД и Иран. Американската Централна команда соопшти дека биле пресретнати повеќе ирански балистички ракети, додека американски и саудиски сили извршиле напади врз групи во Ирак поддржани од Техеран.
Со тоа беше прекинат краткиот период на релативно затишје, кој во претходните три трговски сесии ги туркаше цените надолу. Само во вторникот, американската нафта поевтини за 4,14 отсто, на 79,16 долари за барел, а „брент“ загуби 5,01 отсто од вредноста.
Главниот ризик за пазарот останува Ормускиот Теснец, една од најважните рути за светската трговија со нафта.
Сообраќајот низ теснецот и натаму е значително ограничен, а во вторникот поминале само пет бродови што превезувале стоки. Истовремено, Иран го отфрлил планот предложен од Оман за управување со пловниот пат, што ги намали надежите дека снабдувањето наскоро би можело да се нормализира.
Секој нов напад или закана за транспортот низ Ормускиот Теснец веднаш се пресметува во цената на барелот. Поради тоа, аналитичарите очекуваат големи осцилации и во следниот период, при што нафтата би можела да се движи во широк распон од 80 до 100 долари за барел.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата