Светските цени на храната малку се намалија од четиригодишниот максимум во октомври, поттикнати од пониските цени на житарките, месото и млекото, објави Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).
„Очекувањата за олеснување на ограничувањата на извозните текови преку Црното Море придонесоа за дополнителен притисок врз намалувањето на цените, иако континуираните пореметувања во логистиката во Црното Море го ограничија тој пад“, се наведува во соопштението на ФАО.
Индексот на цените на храната (FFPI) на ФАО, кој ги следи месечните движења на цените на основните земјоделски производи на светскиот пазар, изнесуваше 133,9 поени во октомври, што претставува пад од 1,2 проценти во споредба со септември.
Индексот на цените на житарките падна во октомври за 4,5 проценти на 116,8 поени, што е за 12,6 проценти пониско отколку во октомври 2025 година.
Светските цени на пченицата паднаа по четири последователни месеци добивки поради послабата меѓународна побарувачка, подобрите перспективи за производство во Аргентина и очекувањата за поголем извоз од регионот на Црното Море, како и цените на пченката, јачменот и сиракот.
Индексот на цените на месото се намали за 1,2 проценти на 125,5 поени, бидејќи свинското, овчо и говедското месо поевтинија, додека цените на живинското месо останаа стабилни.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата