logo
logo
logo

Италија по 40 години и се враќа на нуклеарната енергија

Vecer | 28.07.2026

Италија по 40 години и се враќа на нуклеарната енергија

 Владата на премиерката Џорџа Мелони сака да ја зајакне енергетската безбедност на земјата. Владата смета на поддршката од помладите генерации, кои на нуклеарната енергија гледаат како на извор на електрична енергија со ниска емисија на јаглерод, клучен за справување со климатските промени и за стабилизирање на снабдувањето.

Аналитичарите проценуваат дека властите се надеваат оти поддршката од младите ќе го надмине отпорот на постарите генерации, кои биле сведоци на несреќата во 1986 година и гледаат со недоверба на атомската енергија. Италијанците веќе двапати гласале на референдуми против нуклеарните централи, пишува „Асошиејтед прес“.

Се очекува Парламентот следната недела да ја одобри законската рамка за нуклеарни технологии од новата генерација.

Потоа, Владата ќе има рок од 12 месеци да донесе прописи во врска со издавањето дозволи за реактори, безбедносните стандарди, одлагањето на отпадот и изборот на локации.

Пред гласањето, Џилберто Пикето Фратин, министерот за животна средина и енергетска безбедност, изјави: „Должност на Владата во овој момент е да создаде услови за оние што на крајот ќе одлучуваат за постројките, да можат да го сторат тоа“.

Дебатата во Италија се надоврзува на поширокиот европски тренд, бидејќи земји како Франција и Полска ја прошируваат или воведуваат нуклеарната енергија за да обезбедат енергетска сигурност и да ги исполнат климатските цели. Сепак, случајот со Италија е единствен, бидејќи вклучува обид за оживување на индустрија што јавноста претходно ја отфрлила.

Италија некогаш беше европски лидер во областа на нуклеарната енергија. Нејзините четири реактори работеа сè до референдумот во 1987 година – одржан по катастрофата во Чернобил – со кој практично беше запрена програмата. Подоцнежниот обид за оживување на секторот беше прекинат во 2011 година по катастрофата во Фукушима, кога 94 отсто од гласачите се спротивставија на изградбата на нови реактори.

Евентуалното враќање кон нуклеарната енергија би претставувало еден од најамбициозните енергетски пресврти во Европа. Владата на Џорџа Мелони својот план го оправдува со растечката побарувачка за електрична енергија, климатските цели и неизвесноста предизвикана од руската инвазија врз Украина.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk