logo
logo
logo

МЕРКИТЕ НА ВЛАДАТА ДАВААТ РЕЗУЛТАТИ

ЦЕНИТЕ НА ХРАНАТА СЕ СТАБИЛИЗИРААТ, инфлацијата меѓу најниските во регионот

Vecer | 08.07.2026

ЦЕНИТЕ НА ХРАНАТА СЕ СТАБИЛИЗИРААТ, инфлацијата меѓу најниските во регионот

Годишната инфлација во јуни изнесува 3,4% што е една од најниските во регионот и по подолг период најниска во земјава.

Во Грција таа изнесува 3,9%, во Бугарија 5,6%, Хрватска – 4,5% Словенија – 3,6%, а во Турција 32,11%. Дел од земјите од регионот сè уште ги немаат објавено податоците за инфлацијата во јуни. Така во мај во Косово таа изнесуваше 6,8%, во Босна и Херцеговина 5,6%, Црна Гора 3,6%, во Србија 3,5%, а во Албанија 3%.

Иако последната криза се смета за една од најголемите светски кризи со енергенси, податоците покажуваат дека владата успева да ја држи инфлацијата на ниво под 4%, што не беше случај со претходната исто така енергетска криза кога имавме двоцифрена инфлација.

Инфлацијата во јуни годинава во ек на нападот на САД на Иран изнесува 3,4%, додека пак во јуни 2022 година во ек на кризата со електрична енергија предизвикана од нападот на Русија на Украина изнесуваше 14,5%. Соодносот на справување на инфлацијата во двете кризи е 1:4,26%.

Анализата на статистичките податоци за инфлацијата, пак, покажува тренд на намалување на инфлацијата кај храната и безалкохолните пијалаци која во јуни изнесува 2,5%, а кај облеката и обувките од 2,1%.

Од статистичките податоци може да се види дека во јуни инфлацијата е зголемена кај алкохолните пијалаци, тутунот и наркотиците од 9,3 и кај транспортот од 6,2% што е логична последица од кризата на Блискиот Исток иако земјава овој месец имаше најниски цени на горивата во регионот.

Месечната споредба, пак, покажува тренд на намалување на трошоците на живот токму кај алкохолните пијалаци, тутунот и наркотиците бидејќи состојбата останала непроменета, а пад е забележан и кај транспортот од 1,6% и храната и безалкохолните пијалаци од 1,1% што говори дека е почнат тренд на дополнително намалување на инфлацијата што ќе се види со податоците за јули.

Владата си даде задача да ја намали инфлацијата и цените на храната под 3% и е на пат да го оствари тоа до крајот на годината, бидејќи главно се работи на изворите кои влијаат на инфлацијата и на стандардот на граѓаните.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk