logo
logo
logo

РЕДИЗАЈН НА ЕВРОТО: Граѓаните на Европа одлучуваат за новиот изглед на банкнотите до 21 септември

Vecer | 09.09.2026

РЕДИЗАЈН НА ЕВРОТО: Граѓаните на Европа одлучуваат за новиот изглед на банкнотите до 21 септември

Европската централна банка (ЕЦБ) ги повика граѓаните на Европа до 21 септември да учествуваат во јавната анкета за избор на предлог-дизајн за новата серија банкноти на еврото, кои за првпат од нивното воведување во 2002 година ќе добијат потполно нов изглед.

ЕЦБ на крајот на јули претстави десет потесни предлог-дизајни за следната серија евробанкноти и започна јавна анкета за да ги собере мислењата на граѓаните ширум Европа.

Предложените дизајни се засноваат на две теми – „Европска култура“ и „Реки и птици“, како и на избрани придружни мотиви.

Темата „Европска култура“ ги слави заедничките културни простори кои со векови го обликувале европскиот идентитет. Мотивите од оваа тема прикажуваат различни културни активности и простори, како и значајни европски личности кои во текот на шест векови придонесувале за создавање на европското културно наследство.

Втората тема, „Реки и птици“, ги истакнува отпорноста и разновидноста на природните екосистеми во Европа, прикажувајќи различни делови од речните токови и разни видови птици, со што се нагласува важноста на природата и заштитата на животната средина. Оваа тема исто така ги слави единството на европскиот простор и слободата на движење на граѓаните на Европа, потсетува ЕЦБ во соопштението што го пренесува Хрватската народна банка (ХНБ).

Пристигнати повеќе од 1.200 пријави од графички дизајнери

Предлог-дизајните се избрани на конкурс спроведен на ниво на целата Европска Унија. Пристигнаа повеќе од 1.200 пријави од графички дизајнери, од кои 25 беа поканети да достават идејни решенија за едната или за двете теми. Независно жири составено од 21 стручњак од различни области – како графички дизајн, комуникации, невронаука и историја – именувани од централните банки на земјите од еврозоната, потоа ги избра десетте предлози кои влегоа во потесниот избор.

Управниот совет на ЕЦБ одлучи да спроведе онлајн анкета за десетте избрани предлози и ги повика сите граѓани да учествуваат во неа најдоцна до 21 септември 2026 година“.

Независна агенција за истражување на пазарот паралелно ќе спроведе посебна анкета со истите прашања на репрезентативен примерок од граѓаните на еврозоната. По изборот на конечното дизајнерско решение, ЕЦБ ќе објави извештај за резултатите од двете анкети. Собирањето повратни информации од јавноста, со цел да се земат предвид мислењата на граѓаните од цела Европа, е важна одлика на инклузивниот пристап на Евросистемот, се наведува во соопштението.

Можете да го дадете вашиот глас на веб-страницата на ЕЦБ преку овој линк https://www.ecb.europa.eu/euro/banknotes/future_banknotes/html/design-proposals.en.html

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk