Автомобилите стануваат сè поголеми секоја година, а група европски истражувачи сметаат дека овој тренд треба да се запре - со воведување данок што би зависел од димензиите на возилото.
Според студијата на организациите Транспорт и животна средина (T&E) и Чисти градови, новите автомобили во Европа стануваат во просек околу 1,2 сантиметри подолги и 0,5 сантиметри повисоки секоја година, додека нивната ширина и висина на предниот дел исто така се зголемуваат.
Авторите на студијата предупредуваат дека продолжувањето на овој тренд до 2040 година може да доведе до недостаток на паркинг места во градовите, поголем број на загинати пешаци и велосипедисти, како и поголема потрошувачка на енергија и гориво, пишува CarScoops.
Се проценува дека европските градови би можеле да изгубат помеѓу 8,5 и 14 проценти од паркинг местата на улиците, додека поголемите и потешки автомобили би барале значително повеќе електрична енергија и гориво (во зависност од видот на возење).
Затоа, истражувачите предлагаат голем број мерки, вклучувајќи:
- данок врз основа на димензиите на возилото
- поскап паркинг за поголеми автомобили
- ограничување на висината на предниот дел и ширината на возилото
- дополнителни стимулации за купување помали електрични автомобили
Сепак, не е сигурно дека ваквите предлози ќе бидат прифатени.
Во последниве години, купувачите сè повеќе избираат SUV модели и кросовери, кои им носат на производителите поголема добивка од помалите автомобили.
Што мислите: дали предложените мерки се оправдани?
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата