Хајделберг бизнис школа – Факултет Скопје ќе спроведе национален проект за вклучување на средношколци во бизнисот

Vecer | 09.03.2026

Хајделберг бизнис школа – Факултет Скопје ќе спроведе национален проект за вклучување на средношколци во бизнисот
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Нов национален образовен проект што треба да ги вклучи средношколците во светот на бизнисот, претприемништвото и иновациите беше претставен на 20-тата седница на Управниот одбор на Хајделберг бизнис школата – Факултет Скопје. Станува збор за „Национален бизнис предизвик за средношколци 2026“, иницијатива што има цел да создаде нова генерација млади бизнис-лидери во Македонија.

Проектот ќе им овозможи на средношколците уште во рана фаза да се запознаат со современите деловни концепти, реалниот сектор и претприемништвото, преку практични предизвици, работа со ментори и директна поврзаност со европскиот образовен модел.

Во рамки на иницијативата ќе се реализира и Хајделберг средношколска бизнис турнеја, која ќе опфати од 8 до 12 водечки гимназии, од 600 до 900 средношколци, повеќе од 150 учесници на бизнис-хакатони и 10 победнички тимови. Големото финале е планирано да се одржи во кампусот на Хајделберг бизнис школата во Скопје.

Проектот ќе се спроведува во партнерство меѓу Хајделберг бизнис школата – Факултет Скопје, Град Скопје, НЛБ Банка АД Скопје и Елемент ПР, со амбиција да се изгради национална платформа што ќе ги охрабри младите да размислуваат креативно, претприемачки и стратешки.

Покрај поддршката на овој нов проект, на седницата беше потврдена и стратегијата за понатамошен развој на Хајделберг бизнис школата – Скопје. Во фокусот остануваат проширувањето на германскиот дуален модел на образование, зајакнувањето на соработката со германски компании што инвестираат во Македонија и отворањето нови можности за практична обука и вработување на студентите.

Во таа насока беа најавени и нови заеднички иницијативи со компании присутни во земјава, со цел уште посилно поврзување на академијата со реалниот сектор.

Со новиот проект за средношколци и со јасната развојна стратегија, Хајделберг бизнис школата – Факултет Скопје ја зацврстува својата позиција како мост меѓу образованието и бизнисот, но и меѓу македонскиот и германскиот образовен и економски простор.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk