logo
logo
logo

Континуитет на успех: 11-ТА ASQ НАГРАДА ЗА АЕРОДРОМ СКОПЈЕ

Vecer | 24.02.2026

Континуитет на успех: 11-ТА ASQ НАГРАДА ЗА АЕРОДРОМ СКОПЈЕ

Меѓународниот Аеродром Скопје и оваа година ја доби престижната награда за квалитет на аеродромските услуги (ASQ) за 2025-та година за „Најпријатно аеродромско искуство во Европа“ од Меѓународниот совет на аеродроми(ACI), соопшти ТАВ Македонија.

Наградата која скопскиот аеродром ја добива по 11 пат е уште едно признание од патниците во заминување кои што ги пополнуваа анкетите за задоволство од квалитетот на аеродромските услуги, преку кои се мерат клучните индикатори како што се ефикасноста на пријавувањето на патници и багаж (чекирањето), безбедносната проверка, снаоѓањето низ аеродромот, како и целокупната леснотија при движење низ аеродромот.

Ова континуирано меѓународно признание е уште еден доказ за посветеноста на вработените на аеродромот кон квалитетот на услугите, грижата за патниците и постојаното унапредување на стандардите во работењето. А наградата, која се темели на оценките од патниците, покажува дека скопскиот аеродром ги исполнува нивните очекувања.

Оваа награда, целосно заснована врз повратните информации од патниците преку програмата за квалитет на аеродромските услуги, го потврдува нашиот стратешки фокус на ефикасност, сигурност и патничко искуство. Во ТАВ Македонија, ние остануваме целосно посветени на обезбедување беспрекорно, висококвалитетно патување и континуирано подобрување на нашата работа – изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.

Џастин Ербачи, генерален директор на ACI World, изјави:

Добивањето на ASQ наградата за квалитет на аеродромските услуги од ACI ја потврдува континуираната посветеност на Меѓународниот аеродром Скопје да ги слуша своите патници. Ова признание ја одразува вашата заложба за постојано унапредување и обезбедување исклучително патничко искуство за сите патници.

Меѓународниот Aеродром Скопје припаѓа во ASQ панел од 20 аеродроми, во категоријата аеродроми во Европа со големина од 2 до 5 милиони патници годишно. Покрај Меѓународниот Aеродром Скопје, другите аеродроми во овој панел се аеродроми во Италија, Шпанија, Португалија, Норвешка, Естонија како и уште два аеродроми управувани од ТАВ Аеродроми, аеродромот во Загреб и Тбилиси во Грузија.

Досега, за 2012, 2015, 2013 и 2018 Меѓународниот Аеродром Скопје ја доби ASQ наградата – Најдобар аеродром во Европа во големината до 2 милиони патници, додека за 2019, 2020, 2021, 2022, 2023 и 2024 аеродромот ја доби ASQ наградата, но во големина од 2 до 5 милиони патници годишно, врз основа на порастот на бројот на патници кој автоматски овозможи да се натпреварува со таа група на аеродроми во регионот на Европа.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk