Многу сме блиску до склучување договор. Заедничката изјава е потврда за тоа. И со тие неколку држави со кои САД веќе склучија договор, така одеше процесот – прво имаше заедничка изјава, па потоа доаѓаше до склучување договор кој и од меѓународно-правна гледна точка значи дополнителни внатрешни процедури. Засега можам да кажам дека највисоката тарифа ќе ни биде 15% што е пониско од огромен број држави не само во светот, туку и во регионот, а за неколку клучни производи и индустрии ќе има тарифи под 15%, соопшти денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
Муцунски рече дека Македонија веќе има производи кои се извезуваат во САД со тарифи пониски од 15%, што значи дека се движи во добра насока.
Процесот на преговори, напомена, е сложен и предизвикувачки, но и од доверлив карактер, поради што во овој момент не може да бидат соопштени повеќе детали.
-Документот јавно ќе биде објавен и веројатно ќе треба да помине собраниска процедура и сите ќе видиме што конкретно ќе значи тоа за нас. Фактот што одлучија да ни дадат нам приоритет, на една помала држава не толку значајна за американскиот пазар од економска гледна точка, треба да бидеме реални – е директен одговор на прашањето што значат оваа посебна релација и ова стратешко партнерство со Вашингтон. Јас се надевам на добар исход. Заедничката изјава е пат кон тоа и верувам дека ќе донесе конкретни бенефити за претставниците на деловната заедница, а на крај и за нашата економија и за сите граѓани – реле Муцунски, одговорајќи на новинарски прашања.
Тој смета дека има потенцијал за извоз на наши производи во САД кои досега не биле пласирани таму, како и дека македонските компании присутни на американскиот пазар се соочуваат со предизвици, но извозот е, сепак, стабилен.
– САД како и ние, сакаат да го стимулираат својот извоз и ние сакаме да го стимулираме нашиот извоз. Од таа гледна точка преземаат мерки што ќе ги засилат на глобално ниво позициите на американскиот пазар на другите меѓународни пазари. Тоа што гледам и по трендовите во последниот период – фактот што успеавме да дојдеме до вакво решение не наштети на голем дел од нашите компании кои извезуваат во САД, а ние комуницираме со голем дел од нив. Точно е дека имаат предизвици, но се уште стабилно успеваме да го одржиме нивниот извоз кон САД. Дали сметам дека има потенцијал за извоз на наши производи во САД кои досега не се извезувале, да, дефинитивно сметам дека е тоа возможно и зависи од нашата политика на промоција на извозот – рече Муцунски.
Министерот потсети и дека голем број држави во регионот уште имаат далеку повисоки тарифи од 15% во однос на САД.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата