logo
logo
logo

25 милиони евра за зелена и конкурентна иднина на македонските компании

Vecer | 04.02.2026

25 милиони евра за зелена и конкурентна иднина на македонските компании

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски зема учество на настанот „Научно-технолошки развој и претприемништво“. Од таму испрати силна и јасна порака: „Оди напред кон одржлива, модерна и конкурентна економија што расте одговорно, со грижа за животната средина и со јасна европска визија“.

- Со финансиска поддршка од Европската Унија и со средства обезбедени од Владата, Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво започнува со реализација на значаен проект за поддршка на малите и средни претпријатија во процесот на зелената трансформација. Овој проект не е само финансиска интервенција, туку стратешка инвестиција во иднината на македонската економија. Преку него ќе се поддржат инвестиции што значат помалку отпад и загадување, поголемо користење на обновливи извори на енергија, намалување на јаглеродниот отпечаток и поефикасно користење на природните ресурси, како и воведување на меѓународни еколошки стандарди кои се предуслов за излез на глобалните пазари. Како што често истакнуваме, овие 25 милиони евра не се само бројка во буџетот, тие се директна инвестиција во македонските компании, во нивната конкурентност, во нивната европска иднина и во економијата што ја градиме за генерациите што доаѓаат – вели Мицкоски.

Премиерот посочи дека целта на проектот е да ја поддржи државата во исполнување на целите за климатска неутралност утврдени во зелената агенда за Западен Балкан, преку јакнење на приватниот сектор и поттикнување на одговорни и одржливи деловни практики.

- Во наредните четири години ќе бидат поддржани над 300 компании, а преку механизми на кофинансирање ќе се активираат и дополнителни приватни инвестиции. Особено значајно е што околу 200 компании ќе добијат поддршка за подготовка и имплементација на меѓународни стандарди за заштита на животната средина и одржливо работење, што е директна пропусница за учество во европските и глобалните ланци на добавувачи – рече Мицкоски.

Вкупната вредност на проектот изнесува 25 милиони евра, од кои 18 милиони евра се обезбедени од Европската Унија, а 7 милиони евра од државниот Буџет.

- Од вкупниот износ, 22 милиони евра се наменети за директна финансиска поддршка на компаниите што всушност е јасен доказ дека оваа Влада инвестира таму каде што економскиот и општествениот ефект е најголем. Зелената трансформација не е трошок, туку инвестиција во посилна економија, поздрава животна средина и повисок квалитет на живот за граѓаните. Владата останува силен партнер на бизнис-заедницата и двигател на европската иднина на Македонија. Заедно градиме одржлива, конкурентна и европска економија. Заедно градиме иднина што останува – порача премиерот.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk