logo
logo
logo

ВО ЕУРОМАKС ПОСТАВИЈА СТРАНСКИ АДВОКАТ ЗА ДИРЕКТОР, сега рудникот е правна а не инженерска тема

Vecer | 02.07.2026

ВО ЕУРОМАKС ПОСТАВИЈА СТРАНСКИ АДВОКАТ ЗА ДИРЕКТОР, сега рудникот е правна а не инженерска тема

Рударството, индустрија која за многу европски држави, а и пошироко, е една од најважните во Македонија со децении е на нула. Што имало од бивша Југославија работи, некои рудници во меѓувреме се затворени, а нови нема.

Интерес за иневстиции во рударството има. Тоа е исклучително скапа индустрија и иневститори низ Европа се воглавно десетина големи богати комапнии, некои од нив доаѓаат во Македонија, почнуваат со истражување и во моментот кога треба да се тргне во инвестиција плановите завршуваат на суд. 

Еден од тие примери е Еуромакс Ресурис кој ја почна работата со инженери а сега за директор поставија адвокат.

Во Еуромакс Ресурсес Скопје, компанијата поврзана со проектот за рудникот Иловица-Штука, е впишана промена во управувачката структура.

Според решение од Централниот регистар, пријавата за промената била примена на 12 јуни, а одобрена на 17 јуни 2026 година. Со неа, Андриус Смалиукас, државјанин на Литванија, е впишан како управител на друштвото.

Во документот е наведено дека Смалиукас има овластување како управител и менаџер, со неограничени овластувања во внатрешниот и надворешниот промет.

Смалиукас не е класичен корпоративен менаџер без правна позадина. Станува збор за адвокат од Литванија со профил во решавање спорови и комерцијална арбитража. Во неговата професионална биографија, објавена од адвокатската канцеларија ММСП, тој е претставен како искусен правник за решавање спорови, специјализиран за комерцијална арбитража, со учество како арбитер, застапник или експерт во повеќе од 70 арбитражни случаи во Балтикот и Европа.

Токму затоа неговото назначување внесува нов правен контекст во случајот Иловица-Штука, неговиот професионален профил упатува дека правната битка околу проектот може да добие уште поголема тежина.

Со истото решение, од евиденцијата е избришан Тимоти Марк Морган Вин, државјанин на Обединетото Кралство, кој досега се појавуваше како овластено лице во друштвото.

Промената во македонската фирма доаѓа во период кога проектот Иловица-Штука повторно се врати во јавноста по одлуката на Вишиот управен суд. „Здрава котлина“ ја оценуваат судската одлука како сериозен удар врз долгогодишните напори на граѓанските организации и локалното население, кои речиси една деценија се спротивставуваат на отворањето на рудникот во југоисточниот регион.

„Да, тоа беше навистина голем шок и голем удар врз целата деветгодишна борба и врз целото запознавање на народот со тоа колку се штетни рудниците. Ние имавме некои сознанија претходно гледајќи ги нивните постапки. Беа јако удрени со пропаганда и платени медиуми, но гледаме дека ја завршиле работата и во Вишиот Управен суд. Како и да е, тоа не значи дека рудникот утре ќе се отвори, таа одлука ние веќе почнуваме да ја разобличуваме и ќе ја оспориме на секој можен начин“, вели Стојан Велков-Трн, актер и еко-активист во „Здрава котлина“. беше објавено претходно во медиумите

Од здружението посочуваат дека остануваат спорни околностите околу спојувањето на концесиите за експлоатација. Според нив, концесиите имале различни рокови и претходно биле предмет на владини и судски постапки.

Во решението од Централниот регистар се наведени и промени поврзани со подружниците на компанијата. Една подружница е регистрирана во Струмица, со дејност поврзана со помошни активности за вадење руда, а друга во Иловица, Босилово, како информативен центар со дејност односи со јавноста и информирање.

Од самиот документ не може да се утврди дали назначувањето на Смалиукас е дел од внатрешно преструктурирање, подготовка за нови институционални чекори или засилување на правната позиција на компанијата. Но фактот дека на управителска позиција е впишан адвокат со искуство во спорови и арбитража е значаен во момент кога Иловица-Штука повторно е предмет на судски, институционални и јавни реакции.

Проектот за рудникот Иловица-Штука со години е една од контроверзните рударски теми во земјава. Последната судска разврска, реакциите од „Здрава котлина“ и промената во управувачката структура на Еуромакс Ресурсес повторно го отвораат прашањето што ќе биде следниот потег на компанијата и институциите.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk