Белгиските земјоделци протестираа денес против трговскиот договор меѓу Европската Унија (ЕУ) и Меркосур, стравувајќи дека договорот за слободна трговија би можел да претставува „смртна пресуда“ за многу европски земјоделци.
Како што објави Фламанската радиотелевизија (VRT), земјоделците поставија симболични „гробишта на земјоделците“ на своите полиња.
Според организаторите, целта на акцијата е јасно да се изрази протестот на земјоделците против договорот со Меркосур.
„Бевме и во Брисел пред две недели, мислам дека имаше ефект. Сега сакаме пораката да биде уште посилна. Се плашиме дека договорот со Меркосур би бил смртоносен за многу земјоделци“, наведуваат белгиските земјоделци.
Земјоделците во Белгија и низ останатите земји-членки на Европската Унија се спротивставуваат на потпишувањето на трговски договор меѓу ЕУ и Меркосур, наведувајќи дека споменатиот договор би можел да доведе до прилив на поевтини земјоделски производи од Бразил и други јужноамерикански земји, што би ги ставило домашните производители во неповолна положба.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата