Времето кога становите во Скопје се продаваа за неколку дена, а кириите достигнуваа цени споредливи со европските метрополи, полека завршува. Најновиот извештај од Регистарот на цени и закупнини на Агенцијата за катастар покажува значително забавување на пазарот. Во првиот квартал од годинава евидентиран е пад на закупот на станови од дури 47 проценти во споредба со претходниот период, додека вкупната месечна закупнина е намалена за 40 проценти. Аналитичарите предупредуваат дека пазарот влегува во нова фаза на „ладење“, каде што понудата расте, но побарувачката слабее поради високите цени на квадратот, поскапите кредити и намалената куповна моќ на граѓаните.
Најмногу регистрирани закупи и натаму има во општина Центар, по што следуваат Битола, Аеродром и Карпош, но генералниот тренд е во опаѓање. Додека во одредени општини како Кисела Вода и Охрид сè уште има благ раст на кириите, во Аеродром и Гази Баба тие веќе бележат пад. Агентите за недвижности забележуваат дека купувачите сега многу подетално анализираат пред да се одлучат на инвестиција и веќе не купуваат по секоја цена. Процесот на продажба трае подолго, а сопствениците сè почесто ги намалуваат сумите за закуп за да најдат кираџии.
Градежниот сектор и понатаму интензивно инвестира во нови објекти, па на пазарот наскоро ќе се појават илјадници нови станови, што дополнително ќе ја зголеми понудата. Економистите предвидуваат дека доколку побарувачката продолжи да опаѓа, следниот период ќе донесе уште поголем притисок врз цените. Се очекува стагнација или постепено поевтинување, особено кај постарите станови и помалку атрактивните локации, означувајќи го крајот на периодот на неконтролиран и брз раст на цените.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата