Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ продолжува да ги исполнува дадените ветувања и да работи во интерес на граѓаните – една од најзначајните мерки за директно подобрување на животниот стандард е линеарното зголемување на пензиите за 7.000 денари за поголем број пензионери, рече денеска пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Дијана Илиевска.
– Пред изборите ветивме дека ќе направиме сè што е можно за да обезбедиме линеарно зголемување на пензиите од 5.000 денари. И наместо тоа, Владата испорача уште повеќе и линеарно ги зголеми пензиите за 7.000 денари. И покрај обидите на поединци блиски до СДСМ и опозицијата преку иницијативи пред Уставниот суд да ја оспорат оваа мерка, Владата остана доследна на својата определба да ги заштити интересите на пензионерите и да обезбеди подобар животен стандард. За семејствата во кои двајца членови се пензионери, ова значи дополнителни 14.000 денари месечно во домашниот буџет – рече Илиевска.
Ова се финансиски средства кои значително придонесуваат за подостоинствен живот на пензионерите и за нивно полесно справување со секојдневните трошоци, додаде таа.
– Од друга страна, потенцираме дека Владата останува на ставот дека нема да има зголемување на старосната граница за пензионирање. Проблемите се јасно детектирани, се преземаат конкретни мерки, а новиот Буџет има силна развојна компонента која ќе придонесе економските индикатори дополнително да се подобруваат. ВМРО-ДПМНЕ останува посветена на политики кои носат реални резултати, поголем животен стандард и подостоинствен живот за сите граѓани, а особено за пензионерите кои со години ја граделе државата – рече пратеничката Илиевска.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата