Извршниот директор на „Хајнекен“, Долф ван ден Бринк, поднесе оставка, со што заврши шестгодишниот мандат на чело на холандската пиварница само неколку месеци откако објави нова деловна стратегија.
Ван ден Бринк го презеде кормилото на втората најголема пиварница во светот во јуни 2020 година, за време на пандемијата, и го водеше „Хајнекен“ низ турбулентен период обележан со зголемување на трошоците и намалување на продажбата, што ги намали маржите и цената на акциите, објавува Index.hr.
Најавувајќи го своето неочекувано заминување, одборот соопшти дека бара нов извршен директор за групацијата, која ги вклучува брендовите „Хајнекен“, „Тајгер“ и „Амстел“, како и пивото „Карловачко“.
Ван ден Бринк ќе се пензионира на 31 мај, но се согласи да служи како советник уште осум месеци.
- Време е за назначување на нов менаџмент на „Хајнекен“, изјавија Ван ден Бринк и претседателот на надзорниот одбор на компанијата, Питер Венин. Во октомври, одборот на директори објави нова стратегија за периодот до 2030 година.
„Ова најмногу ќе му помогне на Хајнекен на долг рок“
„Хајнекен „достигна фаза каде што промената во менаџментот ќе ѝ помогне на компанијата понатаму да ги постигне своите долгорочни амбиции“, рече Ван ден Бринк во соопштението, истакнувајќи дека додека не замине, ќе биде целосно фокусиран на спроведување на нова деловна стратегија.
Шефот на холандската пиварница е најновиот во низата раководители во секторот за стоки за широка потрошувачка кои се повлекоа по тешка година обележана со послаби финансии на домаќинствата поради високи трошоци за живот.
Фокус на премиум и безалкохолно пиво
Пиварниците се борат со обемот на продажба поради голем број фактори, од лошо време до политичка нестабилност. Во исто време, Хајнекен заостанува зад своите конкуренти во контролата на трошоците и повратот на инвестициите.
Според стратегијата на компанијата за 2030 година, новиот извршен директор ќе биде задолжен за пренасочување на ресурсите на Хајнекен кон поединечни брендови и пазари. Во соопштението, менаџментот ги истакна „водечките позиции“ на пазари како Индија, Мексико, Виетнам и Етиопија и во сегменти како што се премиум и безалкохолно пиво.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата