Меѓународниот аеродром Скопје останува лидер во регионот со раст од 32% споредбено со истиот период минатата година, објави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на Фејсбук.
„За оваа година од понудените преку 390.000 нови седишта, поради влијанието на конфликтот на Блискиот Исток има намалување за околу 6.000 седишта, но и покрај ова останува високо рангиран во регинот и во овој сегмент, пренесува специјализираниот авиопортал EX-YU Aviaton News. Во првите месеци од годинава, македонските аеродроми бележат раст од 30% по број на патници и околу 20% по број на операции, што ги потврдува политиките на Владата за развој на авиосообраќајот во Македонија“, вели Николоски.
Од почетокот на оваа година, додава тој, се водедоа нови авиолинии од Скопје кон Неапол и кон Будимпешта, и од Охрид кон Милано и кон Братислава.
„Дополнително, во текот на јули од Охрид ќе почнат да оперираат линиите кон Катовице и кон Вроцлав, а од Скопје кон Палермо и кон Алгеро, со што, за речиси 2 години од работа на оваа Влада се воведоа 24 нови авиолинии кон европските центри, што е рекордна бројка на ново воспоставени авиолинии“, соопшти Николоски.
Развојот на авиособраќајот останува меѓу приоритетите на Министерството за транспорт, додава тој.
„Тоа го докажуваме со реализација на проектот за реконструкција, надградба и проширување на аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид, со што дополнително ќе го зголемиме капацитетот за патници и авио операции“, вели Николоски.
Вицепремиерот истакнува дека оваа година се очекува да се надмине бројот од 3,5 милиони патници, а во следната година да достигне и до 4 милиони патници, што е резултат на актуелниот модел на привлекување на авиолинии.
„Во врска со актуелните состојби со горивата, Македонија има стабилна состојба, во континуитет се врши координирање со сите институции и засега авиосообраќајот се одвива непречено“, додаде тој.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата