Цената на суровата нафта од типот „брент“ од утрово надмина 125 долари за барел, достигнувајќи нов максимум од почетокот на воената ескалација на Блискиот Исток, но и по најавите дека американскиот претседател Доналд Трамп разгледува продолжување на поморската блокада на иранските пристаништа, пренесува Си-ен-ен.
Јунските фјучерси за „брент“ скокнаа за повеќе од 12 отсто и накратко се искачија над 125 долари за барел, додека американската сурова нафта порасна за повеќе од три отсто и се тргуваше за над 110 долари за барел.
Растот на цените следува по неуспешните директни преговори меѓу Соединетите Американски Држави (САД) и Иран, како и по новите тензии околу Ормускиот Теснец, една од најважните светски рути за транспорт на нафта и гас.
Новата енергетска криза силно ја погодува и Азија, регион кој пред почетокот на конфликтот примаше околу 80 отсто од нафтата и гасот што минуваа низ Теснецот. Азиските земји веќе се соочуваат со недостиг на сурова нафта, природен гас, пластика и ѓубрива, додека растечките цени дополнително ги продлабочуваат економските последици.
Дополнителен притисок трпат и азиските авиокомпании, откако цените на авионското гориво се зголемија за повеќе од двојно. Неколку регионални превозници, меѓу кои „Квантас“, „Ер Њу Зеланд“, „Виетнам ерлајнс“ и „Ер Азија“, веќе ги намалија летовите поради зголемените оперативни трошоци.
Покрај енергетскиот сектор, кризата ги погодува и индустриските синџири. Азија, како еден од клучните светски центри за производство на бакар и никел, се соочува и со недостиг на сулфур, како важен нуспроизвод во енергетската индустрија, чие снабдување е нарушено поради конфликтот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата