Холандската централна банка (DNB) премести златни резерви во вредност од милијарди евра од Северна Америка назад во Европа. Банката вели дека овој потег е дел од „подготовката за потенцијални кризи“ во време на сè поизразени глобални политички превирања, пишува Асошиејтед Прес.
Во периодот од март до август, вкупно 86 тони злато беа префрлени во Лондон од трезорите во Њујорк и Отава. Пред оваа операција, 31,3 проценти и 19,7 проценти од вкупните холандски резерви беа складирани во Њујорк и во Отава. По преместувањето, уделот во двата града беше намален на 18,5 проценти.
Патем, холандската централна банка поседува вкупно 612,4 тони злато, чија вредност на крајот на 2025 година изнесуваше околу 72,2 милијарди евра.
- Со ова преместување, ја подобривме продажливоста и циркулацијата на нашите златни резерви, изјави гувернерот на банката, Олаф Слејпен, во писмена изјава.
„Иако се надеваме дека никогаш нема да ни бидат потребни овие залихи, мора дополнително да ја зајакнеме нашата отпорност и подготвеност за вонредни околности.“
Повеќе од 27 тони злато беа физички транспортирани од САД и Канада директно во строго чуваниот трезор на холандската банка, која се наоѓа во рамките на воената база во близина на градот Зајст.
Банката не откри детали за тоа како златните прачки беа транспортирани преку Атлантикот. Во исто време, еднаква количина злато беше пренесена од Зајст во Лондон.
Остатокот од распределбата беше извршен преку финансиска трансакција - продажба на околу 59 тони злато што се наоѓаше во Њујорк и купување на иста количина во Лондон.
ДНБ објаснува дека златото складирано во британската централна банка (Банката на Англија) ги исполнува најновите меѓународни стандарди за тргување и се смета за најликвидно во светот, што го прави најдостапно во случај на криза.
Од друга страна, резервите на злато во Њујорк и Отава не можат да се користат толку брзо и директно во такви вонредни ситуации, заклучува АП.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата