Не размислуваме за зголемување на цената на електричната енергија. Ние бараме формула да ја намалиме цената или барем да ја зголемиме евтината тарифа, за разлика од најголемиот дел од земјите во Европа, коишто планираат да ја зголемат цената на електричната енергија, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Одговорајќи на новинарски прашања по потпишувањето на договорите за финансирање на железничката делница Крива Паланка-Деве Баир, Мицкоски истакна дека Македонија успешно се соочува со предизвиците, како што се војната во Перискиот Залив и ситуацијата со нивото на реката Дунав, кои вршат притисоци врз цената на електричната енергија.
Порача дека политиката на оваа Влада не е да очајува и да одржува панични прес-конференции, туку да работи тивко, со мали чекори, но успешно и сето тоа да додаде вредност на квалитетот на животот на граѓаните.
– Нашите акумулации во овој момент, при крајот на сезоната за наводнување, се околу 70 проценти полни и имаме речиси 500 гигават-часови акумулирана електрична енергија, сосема доволно за да се чувствуваме безбедни, комотни и да немаме предизвик во делот на снабдувањето со електрична енергија за граѓаните и за индустријата. И нема да правиме панични прес-конференции, нема да повикуваме на внимателност во штедењето, бидејќи водевме сметка многу порано да не се случи тоа. Јас сум навистина среќен и задоволен што ја поминавме сезоната со наводнување онака како што планиравме, а сепак, во овој период од месецот, 6 август, имаме над 70 проценти полни акумулации и подготвени хидроелектрани да произведуваат електрична енергија – рече Мицкоски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата