Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) го шокираа светот со одлуката да ја напуштат организацијата ОПЕК, ставајќи крај на сојузништвото кое траеше уште пред нивната независност во 1971 година. Овој стратешки потег, како што анализира „Би-Би-Си“, доаѓа во критичен момент кога војната со Иран ги преобликува сојузништвата во Заливот, а Емиратите сакаат максимално да го искористат својот огромен производствен капацитет од 5 милиони барели дневно, кој досега беше ограничен со строгите квоти на организацијата.
Излезот на ОАЕ е директен удар врз доминацијата на Саудиска Арабија и отвора можност за нова „војна со цени“. Иако светот моментално се бори со нафта над 110 долари поради блокадата на Ормутскиот Теснец, планот на Емиратите за нови гасоводи што го заобиколуваат теснецот и нивната желба брзо да ги „кешираат“ резервите пред глобалната електрификација да ја намали побарувачката, би можеле драстично да ги соборат цените на долг рок.
„Емиратската нафта ќе тече како никогаш досега, неоптоварена од обврските на ОПЕК. Ова ќе има мало влијание врз сегашните блокади, но би можело да промени сè што доаѓа по нив“, се заклучува во анализата на британскиот сервис.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата