Пожарите и топлотните бранови што ја погодија Франција, Шпанија и други делови од Европа оваа година веќе предизвикаа штета од над три милијарди евра, објави „Фајненшл тајмс“.
Според анализата на весникот, во првите два месеци од овогодинешната сезона, пожарите изгореле речиси половина милион хектари земја, додека економската штета во петте најпогодени земји од Еврозоната, вклучувајќи ги Португалија, Грција и Романија, се проценува на околу 3,1 милијарди евра.
Таа сума значително ја надминува проценката на Европската комисија, според која просечната годишна штета од пожари за целата Европска Унија била околу 2,5 милијарди евра, објавува порталот „Бизнис“.
Проценката на „Фајненшл тајмс“ се базира на методологијата на Европската комисија и соодветните пресметки на француската влада и ги вклучува таканаречените трошоци за реконструкција, односно средствата потребни за враќање на изгорените површини во состојбата во која биле пред пожарот.
Весникот наведува дека реалните економски загуби ќе бидат значително поголеми, бидејќи осигурителните компании, домаќинствата и бизнисите сè уште ја проценуваат штетата врз имотот и посевите, како и загубите што ги претрпел туристичкиот сектор во средината на летната сезона.
Се додава дека долгорочните трошоци ќе се одразат и во растот на премиите за осигурување, можното губење на осигурителната покриеност за одредени објекти, намалувањето на бројот на туристи и поголемите инвестиции во опрема за гаснење пожари.
Неодамнешните големи пожари во Грција не се целосно опфатени во анализата.
Во исто време, последиците од сушата сè уште ќе бидат целосно видливи, бидејќи ниското ниво на водата на Рајна и Дунав веќе го попречува транспортот на стоки и доведува до намалување на индустриското производство.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата