logo
logo
logo

„МАКЕДОНИЈА ТУРИСТ“ ГИ ПРОДАВА „БРИСТОЛ“, „ЈАДРАН“ И „ПИВНИЦА“, ќе купува градежна парцела во Ново Лисиче за 17,7 милиони евра

Vecer | 28.04.2026

„МАКЕДОНИЈА ТУРИСТ“ ГИ ПРОДАВА „БРИСТОЛ“, „ЈАДРАН“ И „ПИВНИЦА“, ќе купува градежна парцела во Ново Лисиче за 17,7 милиони евра

Поранешните хотели „Бристол“ и „Јадран“ (Арапска куќа) се најдоа на список за продажба за кој ќе одлучуваат акционерите на „Македонија турист“ на собранието закажано за 22 мај годинава, покажуваат материјалите објавени на Македонската берза.

Покрај овие два хотели, на предлог-листата за продажба се и познатата „Пивница“ на плоштадот Македонија, и трикатница карши поранешен ЗОИЛ, исто така во центарот на Скопје.

„Македонија турист“ ги поседува и хотелите „Белви“, „Бест-вестерн“, „Хотел Карпош“ и „Холидеј ин“, кои, за разлика од овие што се продаваат, се активни и работат.

Уникатната Арапска куќа е изградена меѓу 1936 и 1938 година, во стилот на арапско-маварска архитектура и таа меѓу шеесеттите и деведесеттите години на минатиот век функционираше како хотел под името „Јадран“. Објектот е под генерална заштита, а во тек е процедурата да стане и зграда споменик на културата.

Хотелот „Бристол“ не е под конкретна заштита, меѓутоа станува збор за објект стар еден век, кој повозрасните скопјани го паметат по големата летна тераса. Тој не работи со децении.

На престојното Собрание на акционери на „Македонија турист“, освен оваа предлог одлука за продажба на недвижен имот во сопственост на друштвото, има и предлог одлука за купување недвижен имот во скопско Ново Лисиче.

„Станува збор за градежно земјиште со површина од 8.081 метри квадратни за кое согласно важечкиот Детален урбанистички план, има маркица за градба на деловен простор и станбен простор со вкупно бруто изградена површина од 34.987 метри квадратни“, се вели во предлог одлуката за кое Друштвото, објавена на Македонската берза.

„Купопродажната цена на недвижниот имот ќе биде извршена по пазарна цена за соодветен недвижен имот во вкупна вредност од 17.700.000 евра во денарска противвредност, зголемена за сите соодветни јавни давачки, односно даноци“, се вели во предлог-одлуката.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk