Земјите од Западен Балкан се чекор поблиску до укинување на роамингот со Европската Унија, откако амбасадорите на земјите-членки на ЕУ дадоа зелено светло за почеток на преговорите со регионот.
Според информации од Советот на ЕУ, одлуката се однесува на Македонија, Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово, а формалното усвојување се очекува на 4 јуни. По тоа, Европската Унија ќе може да започне преговори со секоја од земјите поединечно за нивно приклучување кон европската зона „Роаминг како дома“.
Кипарското претседателство со ЕУ ја поздрави одлуката, оценувајќи ја како важен сигнал за европската перспектива на регионот.
„Проширувањето на зоната без роаминг е јасен знак за нашата посветеност кон Западен Балкан. Со нетрпение го очекуваме формалното усвојување на одлуката за отворање на преговорите“, изјави портпарол на кипарското претседателство.
Иницијативата следува по предлогот на Европската комисија од февруари годинава, со кој беше предложено граѓаните на земјите од Западен Балкан да добијат можност да ги користат мобилните услуги во ЕУ под исти услови како во своите матични држави.
Европските институции очекуваат преговорите да завршат до крајот на годинава. Доколку процесот се одвива според планираното, граѓаните на Македонија и останатите земји од регионот би можеле веќе следната година да користат мобилна телефонија и интернет во земјите на ЕУ без дополнителни трошоци за роаминг.
Сепак, европските претставници нагласуваат дека конечниот рок ќе зависи од текот на преговорите и подготвеноста на секоја земја поединечно да ги исполни потребните услови.
Системот „Роаминг како дома“ е во сила во Европската Унија од 2017 година и се смета за една од најпопуларните политики меѓу европските граѓани. Тој овозможува корисниците да ги користат своите мобилни пакети за разговори, пораки и интернет во сите земји од ЕУ без дополнителни трошоци, односно по истите цени што важат во нивната матична држава.
Во јануари годинава оваа регулатива беше проширена и на Украина и Молдавија, иако тие сè уште не се членки на Европската Унија.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата